Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги обвини САД дека поставуваат „нереални и неизводливи“ барања кон Иран, додека директните преговори меѓу двете страни сè уште не се одржуваат.
Во изјави пренесени од иранските медиуми, Пезешкијан нагласи дека Вашингтон истовремено спроведува политика на максимален притисок врз Иран, а од друга страна очекува Техеран да седне на преговарачка маса и да прифати еднострани услови.
„Проблемот е што САД во исто време водат политика на максимален притисок против нашата земја, а очекуваат Исламската Република Иран да ги прифати нивните еднострани барања. Таквата равенка е нереална и невозможна“, изјави тој.
Пезешкијан додаде дека САД во текот на преговорите во два наврати извршиле напади врз Иран, оценувајќи ги неодамнешните изјави од Вашингтон како форма на „воена мобилизација и закани“.
Тој повтори дека Иран е подготвен за разговори, но исклучиво под соодветни услови. Меѓу нив, според претходни изјави на ирански функционери, се издвојува барањето за укинување на блокадата на Ормускиот теснец пред почеток на сериозни преговори.
Досегашните обиди за директни разговори не доведоа до траен прекин на конфликтот, а во моментов ниту Вашингтон ниту Техеран не покажуваат подготвеност за отстапки од своите позиции.