Во Штригово, на северот на хрватската жупанија Меѓуморје, каде што традиционално доминираат лозјата, расте една од најголемите плантажи со индијански банани, познати и како асимина, во овој дел од Европа.

„Индијански банани“ растат во Хрватска

Зад необичниот проект стои семејството на Иван Жижек, кое пред три години засадило плантажа во местото Банфи. На идејата се одлучиле откако дознале дека ова овошје добро ги поднесува ниските температури и дека е отпорно на болести.

Бидејќи садниците биле скапи, семејството избрало побавен, но поевтин начин за да го прошири насадот.

„Набавивме поголема количина плодови од Италија, рачно ги извадивме семките, ги обработивме и ги ставивме на ‘ртење. За среќа, одлично никнаа, па така ги добивме првите подлоги за асимина. Потоа лично почнав да ги калемам“, објаснува Жижек за ХРТ.

Плантажата сè уште не е во полн род, па семејството засега продава само свежи плодови.

Плановите, сепак, се многу поголеми. Во следните една до две години сакаат од асимината да произведуваат прехранбени и козметички производи.

Едно дрво во полн род може да даде околу 20 килограми плод. Дел од производството планираат да го пласираат преку трговските ланци, а остатокот да оди во прехранбената индустрија – за производство на крафт пиво, џемови, ликери и ароматични вина.

Овогодишниот насад претрпел значителна штета од силното невреме со град што го погодило регионот во јуни.

Сепак, првите плодови од некои од постарите сорти ги охрабриле производителите. Според Жижек, плодот што го пробале бил квалитетен и вкусен.

Асимината не е единственото необично овошје што се одгледува во овој дел од Хрватска.

Покрај плантажата со северноамериканското овошје, семејството одгледува и 16 стебла ф’стаци, чие потекло е од Блискиот Исток, како и 65 грмушки фејоа, овошје кое потекнува од Јужна Америка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс