Search

Имаме отпор кога се работи за менталното здравје

Дали сè уште е табу да се посетува психолог? Тоа е едно од прашањата што ги истражуваме во разговор со м-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник. Децата и возрасните имаат различни проблеми кога станува збор за менталното здравје. Катерина ни дава впечаток за најчестиот вид на прашања со кои се соочуваат децата и возрасните, како и за разликите помеѓу нив. Од депресија и врсничко насилство до проблеми во односите и идентитетот, сите се дел од панорамата на менталното здравје. Сепак, Катерина нагласува дека решавањето на овие проблеми не се ограничува само на индивидуалното ниво. Потребни се системски решенија за да може детето да добие јасна порака за системот на вредности. “Да не ја префрлуваме топката кој е виновен, нема виновник секој е потребно да тргне од себе од сопственото гнездо”, потенцира таа

Какви се најчестите проблеми со кои се соочуваат децата?

Kако специјален едукатор работам со деца со типичен развој, кои што уште од најмала возраст им е потребно рана интервенција и стимулација, специфични тешкотии во учењето како што се: дислексија, дисграфија, дискалкулија, диспраксија, како и деца со АДХД, интелектуална попреченост, аутистичен спектар и аутизам.

Од друга страна мојот профил како семеен системски советник ми дозволува да работам и психолошки советувања во однос на деца и млади кои што се соочуваат со проблеми во однесувањето, адолесцентска криза, врсничко насилство. Најчесто се јавуваат родители во однос на родителски советувања и исполнување на воспитните цели на родителите, како и подобрување на целокупното детско поведение и однесување. За жал се повеќе се активни и оние загуби на родители, па нашето советувалиште е поддршка како на возрасните во однос на процесот на загуба така и на најмалите.

Во кои аспекти на менталното здравје најчесто се набљудуваат предизвици кај децата?

Најважниот сегмент од нашата личност лежи во раното детство. Период од раѓање па се до седум, осум години е од исклучителна важност во основните поставки на нашите структури, односно во зависност од тоа каков однос и поврзаност сме имале со родителите или уште поважно тие со нас, стануваме и градиме релации и во понатамошниот живот. Па според тоа, нешто што прво забалежувам во секојдневната работа е емоциоанлната поврзаност со родител -дете. Понатаму исполнувањето на развојните задачи и стапки на детето, доколку се забележува некое отстапување веднаш се интервенира, секако ги вклучувам моите драги колеги како психолози, психијатри, логопеди. Работам индивидуални и семејни третмани за деца и адолесценти, кои пред сè вклучуваат работа по семејна системска психотерапија. Секако тука е и групната работа со деца која што ни покажува голем прогрес кога е здрав и безбеден социјален контакт со врсниците.

Кои проблеми се најчести кај возрасните кои ја бараат вашата помош?

Возрасните се огледалото на децата, кога еден возрасен го негува своето ментално здравје, индирекно го негува и здравјето на детето. Како најчести предизвици за кои што се јавуваат возрасните за психолошки советувања се токму, предизвици во партнерство, анксиозност, стрес, панични напади, надминување на одредени предизвици и животни настани, загуба и справување со истата, развод.

Какви услуги претставува семеен системски советник и како помага на семејства во различни ситуации?

Навистина ми е мило што имам прилика да дадам објаснување на овој дел од мојот профил и работа. Пред се сакам да напоменам дека уште во втора година на студии паралелно започнав да изучувам и правец на психотерапија, а тоа е семејна и ситемска психотерапија, ако добро се сеќавам по последните информации сум еден од ретките специјални едукатори кој во себе ја носи и оваа психотераписка работа. Самата едукација  бара посветеност и активно учење, денес сум последна четврта или супервизиска година.  За разлика од останатите психотерапевтски школи и правци, семејната психотерапија како школа за разгледување на одреден симптом и третман го зима целото семејство.На тој начин се разрешуваат психолошките проблеми во семејството и се постигнува подобар квалитет како на инивидуално така и на семејно ниво.  Ќе ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Институтот Алтернатива, а воедно и до мојот психотерапевт кој што без сомнение е ветер во грб во секој мој процес и едукација.

Дали работите и како брачен советник? Кои се најчестите причини за недоговор и нетолерантност меѓу партнери?

Да работам и во областа на бракот и партнерството. Во нашите простории чест предизвик е разводот – втор по ред стрес и за родителите и за децата. Кога сме веќе на ова прашање, можам да ви најавам нешто ново кое што ќе биде од голема поддршка за целото семејство кога поминуваат низ процесот на разод. Сега за сега е сеуште во тајност, но нашето следно интервју ќе биде току на оваа тема. Во однос на причините би рекла дека во нашата работа нема два плус два е еднакво на четири. Причините се индивидуални, немаме идентични семејства, секое семејство е приказна за себе.

Дали уште постои табу околу посетата на психолог или психијатар во Македонија, особено меѓу семејствата?

Сите забележуваме дека темата ментално здравје е многу актулена и гласна. Денес секој од своја перспектива зборува за истата. Да гласни сме, но сеуште како општество сме во негација и отпор за навремено да се побара помош од стручни лица. Имаме голема почва за работа на тема ментално здравје. Знам да напоменам дека сите ние кои што се занимаваме со оваа професија, не би можело да решиме одреден проблем кој што се ткаел генерации, генерации наназад. Морам да признаам дека младите лица, адолесцентите се оние кои што без чувство на срам бараат помош и поддршка од стручните лица, навистина тоа ме радува и ги охрабрувам да продолжат така.

Како пристапувате кон решавање на проблемот со повлечени деца?

На неколку наврати го имам напоменато ова, а тоа е дека децата не се никаков проблем, децата се оние кои што метафорички кажано, со својот симптом на однесување ги носат родителите до центрите, советувалиштата да побараат помош. Ќе споделам искуство од пракса. Доаѓаат родители, кои што само ги оставаат децата на еден час и заминуваат, не покажуваат интерес за тоа што треба да се поработи дома, ова многу ни зборува нас. Кога јас ќе се повикам и ќе им кажам дека потребно е да се работи со целото семејство, најчесто влегуваат во отпор, и излегуваат од процес. Честопати за овие клиенти знам да напоменам дека доколку сега не седнат како родителите на терапевтскиот кауч, за шест месеци ќе се вратат со поголем терет, и навистина е така. Родителството не е совршен процес, родителството се учи.

Како се пренесува социјалното и врсничкото насилство во вашата работа и како помагате на жртвите да се справат со неговите последици?

Само преку образование. Единственото оружје што го имаме е учењето и образованието. Кога велам образование, мислам на сите нас и на родителите кои се главните фактори во развојот на детето. За да може детето да добие јасна порака за системот на вредности, родителот е тој што прво треба да научи кој е тој систем на вредности.И да честопати знам да кажам дека родителството не е за децата, родителството е на двајцата брачни партнери. Свесни сме дека потребни се системски решенија, големо влијание имаат и преучилишните и училишните установи и се она што го опкружува детето. Да не ја префрлуваме топката кој е виновен, нема виновник секој е потребно да тргне од себе од сопственото гнездо.

Дали обемот на работата оди во корелација со несреќни општества, колку понесреќно општество толку повеќе работа и обратно ?

Одговорот на ова сложено прашање треба да биде едноставен: да бидеме подобри за да не бидеме полоши. Тоа би значело дека напорот и работата на нашата личност е неопходна, во спротивно таа ќе стане терет на секој од нас, а тоа ќе го опишува нашето опшество како несреќно.

Најново

Последни колумни