Илјадници луѓе вчера на улиците во Лисабон: Бараат повлекување на законот што може да ги зголеми кириите

Протестите се насочени против предлог-закон со кој би се олесниле иселувањата на станарите и би се укинале ограничувањата за зголемување на кириите. Граѓаните предупредуваат дека промените дополнително ќе ја продлабочат станбената криза во Португалија.
Фото: X/@LucAuffret

Илјадници луѓе се собраав чера во центарот на Лисабон на протест против предлог-законот за изнајмување станови, барајќи од малцинската десноцентристичка влада на Португалија да го повлече. Демонстрантите стравуваат дека предложените измени ќе ја влошат станбената криза, која веќе е меѓу најтешките во Европа.

Португалија со години се соочува со силен раст на цените на недвижностите и на кириите, а особено погодени се младите. Од 2017 година цените на недвижностите се повеќе од двојно зголемени, додека кириите за новите договори речиси се удвоиле, објави „Ројтерс“.

Илјадници демонстранти на главниот плоштад во Лисабон

Според проценките на организаторите, неколку илјади луѓе се собрале на плоштадот Росио во Лисабон. Полицијата не објавила сопствена проценка за бројот на учесници. Протестот е продолжение на повеќекратните собири против високите цени на домувањето, растечките трошоци за живот и незадоволството од владините политики.

Демонстрациите се интензивирале во последните недели. Минатиот викенд полицијата ги растерала демонстрантите кои кампувале на истиот плоштад, при што, според извештајот, употребила палки и уапсила 25 лица. Интервенцијата предизвикала критики од организаторите и учесниците на протестите.

„Протестите ќе продолжат“

Рита Силва, портпаролка на движењето за достапно домување „Каза пара Вивер“ (Casa para Viver), за португалската јавна телевизија РТП изјавила дека граѓаните покажуваат голема истрајност и покрај повеќедневните протести и полициските интервенции.

„Луѓето покажуваат извонредна истрајност, сила и решителност“, рекла Силва, говорејќи за протестите поради станбената криза, растечките трошоци за живот и огромните тешкотии да се заработи за пристоен живот.

Таа оценила дека владата не покажува подготвеност да ги сослуша граѓаните и најавила дека протестите ќе продолжат.

Министерот за внатрешни работи Луиш Невеш изјавил дека владата го почитува правото на протест, но очекува собирите да се одвиваат мирно, уредно и во согласност со законот.

Што предвидува законот и зошто станарите се противат?

Демонстрантите бараат повлекување на предлог-законот со кој би се олесниле иселувањата на станарите и би се укинале постојните ограничувања за зголемување на кириите при склучување нови договори. Според нив, ваквите промени дополнително ќе го отежнат наоѓањето стан што може да се изнајми по прифатлива цена.

Според предлогот, сопствениците на станови би можеле да започнат постапка за иселување по два месеца неплатена кирија, наместо по досегашните три. Предвидено е и укинување на ограничувањето од два процента за зголемување на киријата меѓу два последователни договори.

Предлог-законот го поминал првото читање во португалскиот парламент. Владејачките партии го поддржале, додека левичарските партии се спротивставиле, а крајнодесничарската партија „Шега“ (Chega) била воздржана. Предлогот сега треба да помине низ понатамошна парламентарна расправа и конечно гласање.

Премиерот не сака да го повлече предлогот

Португалскиот премиер Луиш Монтенегро во четвртокот ја отфрлил можноста за повлекување на законот, и покрај барањата на демонстрантите. Сепак, рекол дека е подготвен да разговара за измени пред конечното гласање, кое се очекува во следните недели.

Владата смета дека предложените промени се неопходни за поттикнување на пазарот за изнајмување станови. Протестантите, пак, предупредуваат дека послабата заштита на станарите може да доведе до нов раст на кириите и повеќе иселувања.

Опозицијата бара преговори со демонстрантите

Лидерот на опозициската Социјалистичка партија, Жозе Луиш Карнеиро, ја повикал владата да започне преговори со опозициските партии и претставниците на протестното движење. Според него, станбената криза не може да се реши без разговор со сите засегнати страни.

Карнеиро оценил дека владата треба да преговара, наместо „арогантно да ги наметнува своите ставови, понекогаш дури и со авторитарен призвук“.


Покрај повлекувањето на предлог-законот, демонстрантите бараат изградба на повеќе јавни станови, ограничување на кириите и мерки против иселувањата на луѓето на кои не им е обезбедено алтернативно сместување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс