Илјадници лажни ФИФА-страници ги таргетираат навивачите на Светското првенство

Експертите предупредуваат дека периодот пред големи спортски настани како Светското првенство е особено ризичен, бидејќи навивачите се подготвени брзо да купуваат билети и да пристапуваат до стримови без доволна проверка на изворите

Кибер-криминалци веќе покренале илјадници измамнички кампањи поврзани со Светското првенство, а властите во Канада и Соединетите Американски Држави издале предупредувања до навивачите да бидат особено внимателни. Според компании за сајбер-безбедност како Fortinet и Check Point, најчеста метода се лажни веб-страници и интернет продавници кои имитираат официјални FIFA платформи.

Над 13.000 сомнителни страници

Во извештај на Fortinet се наведува дека биле идентификувани повеќе од 13.000 веб-страници поврзани со Светското првенство, регистрирани само во периодот од јануари до мај 2026 година. Од нив, околу 8% се класифицирани како злонамерни или сомнителни поради измамнички активности и обрасци на однесување.

Целта на овие страници е да ги наведат корисниците да внесат чувствителни податоци, како што се броеви на кредитни картички, лични информации и кориснички лозинки, најчесто преку лажна продажба на билети.

Фишинг, лажни билети и туристички пакети

Кибер-криминалците користат таканаречени „card-not-present“ измами, каде жртвите купуваат непостоечки билети или пакети за патување. Преку апликации како Telegram се нудат лажни туристички пакети со билети, сместување и превоз, често со притисок дека понудите се „ограничени“ за да се поттикне брза реакција.

По внесување на податоците за плаќање, жртвите добиваат лажни потврди или фактури, додека нивните податоци се веќе компромитирани.

Лажни профили и огласи за работа

Според извештајот, создадени се и околу 1.700 лажни профили на социјалните мрежи Facebook и Instagram. На овие профили се злоупотребува брендот на FIFA за ширење дезинформации, измами и обиди за кражба на идентитет.

Исто така, на LinkedIn се објавуваат лажни огласи за работа поврзани со организација на турнирот, логистика и медиумска поддршка.

Лажни стримови и опасни линкови

Криминалците шират и лажни линкови за „бесплатен пренос“ на натпревари, кои често се појавуваат непосредно пред почетокот на натпреварите. Овие линкови најчесто водат кон страници кои инсталираат малициозен софтвер или крадат податоци од корисниците.

Експертите предупредуваат дека периодот пред големи спортски настани како Светското првенство е особено ризичен, бидејќи навивачите се подготвени брзо да купуваат билети и да пристапуваат до стримови без доволна проверка на изворите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс