Фудбалската федерација на Македонија нема да даде поддршка за нов мандат на првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.
Одлуката на ФФМ доаѓа по состанокот на претседателите на членките на УЕФА со претседателот и Извршниот комитет на УЕФА.
„Одлуката е донесена по внимателно разгледување на неодамнешните случувања и начинот на кој се води ФИФА, особено во делот на доброто управување, институционалниот интегритет и транспарентноста во односите со националните федерации.
ФФМ смета дека довербата, отчетноста и отворениот дијалог мора да бидат темел на управувањето со светскиот фудбал. Најдобрите интереси на фудбалот и неговиот развој, секогаш мора да бидат на прво место.
Како членка на УЕФА, ФФМ останува цврсто посветена на заедничките принципи и вредности на европскиот фудбал и ќе продолжи да стои заедно со сите национални федерации кои се залагаат за заштита, развој и унапредување на фудбалот.
Остануваме посветени на соработката со сите свои меѓународни партнери, со единствена цел, заштита и унапредување на интересите на фудбалот.“ се наведува во соопштението на ФФМ.
Иако Инфантино уживаше речиси целосна поддршка пред Светското првенство, низата скандали на Мундијалот и контроверзниот предлог за „приватизација на светските првенство“ предизвикаа сериозен револт.