Јеменските Хути ја презедоа одговорноста за нападот врз „Арамко“

Пожарот изби во саудиската рафинерија по удар со дрон, додека Ријад тврди дека нема жртви во инцидентот.

Јеменските бунтовници Хути презедоа одговорност за нападот со дрон врз рафинеријата на нафтениот гигант „Арамко“ во саудискиот град Јазан. Според изјавите на нивниот портпарол, акцијата е одговор на прелетите на саудиски беспилотни летала над јеменските провинции Хаџа и Сада. Саудиското Министерство за енергетика потврди дека во објектот избил пожар, но нагласи дека нема повредени ниту загинати.

Официјален Ријад потврди дека во нафтениот комплекс во Јазан, на југозападот од страната кон Јемен, избил пожар, но во соопштението не се наведуваат детали за точните причини за инцидентот. Од Министерството за енергетика порачаа дека брзата интервенција спречила поголема штета на инфраструктурата и оти нема жртви.

Нападот е дел од зачестените акции на Хутите, кои ги поддржува Иран, насочени кон саудиска инфраструктура и трговски бродови во Црвеното Море.

Ескалацијата доаѓа во чувствителен период за регионот. Аналитичарите предупредуваат дека повторените удари врз енергетските капацитети во Саудиска Арабија се закануваат да го нарушат релативниот мир во Јемен. Примирјето постигнато пред повеќе од четири години значително ги намали директните воени судири, но последните настани повторно го зголемуваат ризикот од нов бран насилства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс