HRW: Израелскиот напад во кој загина новинарка во Либан може да биде воено злосторство

Human Rights Watch соопшти дека постојат докази оти израелската војска намерно таргетирала новинарки во напад во јужен Либан и повика на независна истрага.

Организацијата Human Rights Watch (HRW) оцени дека израелскиот воздушен напад во јужен Либан на 22 април, во кој загина новинарката Амал Калил, а нејзината колешка Заинаб Фараџ беше тешко повредена, би можел да претставува воено злосторство.

Во извештајот објавен во четвртокот, HRW наведува дека анализата на видеоснимки, сведоштва и други докази укажува дека израелската војска знаела или требало да знае дека двете жени биле цивили. Истражувачот на организацијата за Либан, Рамзи Каис, изјави дека доказите покажуваат оти новинарите биле цел на напади и покрај тврдењата на израелската војска дека не ги таргетира.

Според HRW, во текот на денот биле извршени три последователни напади. Најпрво било погодено возило пред автомобилот на новинарките, а потоа и нивното возило, по што тие побарале засолниште во блиска зграда, која исто така била нападната.

Организацијата дополнително тврди дека биле попречени и спасувачките операции, откако медицински екипи на либанскиот Црвен крст биле принудени да се повлечат, а едно амбулантно возило било оштетено.

Израелската војска во кус одговор до HRW соопштила дека во тек е истрага за инцидентот и дека новинарката загинала за време на операција во која биле убиени и двајца припадници на Хезболах.

HRW повика на независна истрага и утврдување одговорност за евентуални прекршувања на меѓународното хуманитарно право.

е-Трн да боцка во твојот инбокс