Хрватска во војна со енергетските пијалаци: Забрана и за рекламири кон деца

Хрватска воведува дополнителни ограничувања за енергетските пијалаци со цел да го заштити здравјето на децата и младите.

Откако во јуни годинава ја забрани нивната продажба на лица помлади од 18 години во продавниците, Министерството за здравство подготвува нов закон што ќе ги опфати и производите со сличен состав и дејство, рекламирањето и контролата на пазарот.

Причината за заострувањето на правилата се загрижувачките податоци за консумирањето енергетски пијалаци меѓу учениците. Истражувањата на Хрватскиот завод за јавно здравство покажуваат дека некои малолетници внесуваат дури 750 милилитри или повеќе од овие пијалаци во една прилика.

Енергетските пијалаци не се безопасни

Хрватската министерка за здравство Ирена Хрстиќ предупредува дека високите концентрации на кофеин, други стимуланси и шеќер можат негативно да влијаат врз срцето, нервниот систем и психичкото здравје на децата.

Според неа, предупредувањата на амбалажата не се доволни, особено кога станува збор за организми што сè уште се во развој.

Новите правила ќе се однесуваат на пијалаци што содржат повеќе од 150 милиграми кофеин на литар, независно од неговото потекло. Исклучок ќе бидат производите на база на кафе, чај и какао.

Забраната ќе ги опфати и другите производи што според составот или физиолошкото дејство се споредливи со енергетските пијалаци.

Забрана за рекламирање насочено кон деца

Посебно внимание се посветува на маркетингот. Со новиот закон ќе се забрани рекламирање на енергетски пијалаци и сродни производи насочено кон малолетници, како и нивна промоција во училиштата и другите установи во кои престојуваат деца.

Училиштата ќе имаат обврска да спроведуваат превентивни и едукативни активности за ризиците од прекумерното консумирање кофеин и стимуланси.

Паралелно со ова, во хрватскиот парламент веќе се разгледуваат измени на Законот за угостителска дејност со кои треба да се забрани и послужувањето енергетски пијалаци на малолетници во кафулињата и рестораните.

Задолжителен регистар и контрола на производите

Хрватскиот завод за јавно здравство ќе води официјален регистар на енергетските пијалаци и сродните производи на пазарот.

Регистрацијата ќе биде задолжителна за субјектите што ги пласираат овие производи, а Заводот ќе проценува дали нивниот состав претставува здравствен ризик за малолетниците.

Врз основа на стручните процени ќе биде можно и привремено забранување одредени производи.

Министерството за здравство веќе ја започнало постапката за подготовка на законот, а се очекува предлогот да биде доставен до Владата до крајот на 2026 година.


Со ова Хрватска настојува да воспостави поширок систем на заштита, кој нема да се ограничи само на забраната за продажба, туку ќе ги опфати и рекламирањето, составот на производите и едукацијата на младите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс