Адријана Георгиев
Насловот „Седатив за самотија“ звучи како нешто што треба да нè смири, но и како признание дека сме осамени. Во свет во кој сме постојано поврзани, опкружени со луѓе, слики, пораки и информации, осаменоста не исчезнува, напротив, понекогаш станува уште повидлива. Во својата поетска збирка „Седатив за самотија“, Христина Дамјановиќ го обликува токму тој парадокс: свет во кој луѓето се презаситени од содржини, а истовремено длабоко осамени. Но книгата не останува само на генерациската апатија. Во нејзината основа постои силна потреба од контакт, разбирање и самопотврдување преку пишувањето.

Стиховите се движат меѓу виртуелното и стварното, меѓу интимното и генерациското, меѓу потребата да се биде виден и стравот од вистинската близина. „Седатив за самотија“ го регистрира ритамот на современиот живот – забрзаноста, преоптовареноста со слики и непрестајниот глад за блискост – и од чувството на расеаност гради препознатлив поетски глас.
Христина е членка на колективот „СВИ МИ“ и една од основачките на „Проред“. Студирала социјална политика и социјална работа, а нејзината поезија неодамна е преведена и објавена во „Тригер“. Со неа разговаравме за тоа од што денес ни треба „седатив“, каде завршува личната, а каде почнува генерациската осаменост, што може телото да каже на сцена, дали младата поезија повеќе се создава во заедница и што се случува со една песна кога ќе го напушти својот јазик.

Трн: Насловот „Седатив за самотија“ звучи како нешто што треба да нè смири, но и како признание дека сме осамени. Од што денес најмногу ни треба седатив? Од самотијата или од премногу луѓе, слики и информации околу нас?
Христина: Седативот може да ги ублажи тегобите, но не и да ја отстрани нивната причина. Можеби затоа денес не ни е потребен ниту исклучиво од самотијата, ниту од премногу луѓе, слики и информации. Мислам дека тие две крајности постојат во еден вид нераскинлива симбиоза. Парадоксално, колку повеќе сме опкружени со други, толку сме позаситени и поосамени.
Покрај животот што непосредно го живееме, почнавме да градиме и негова виртуелна верзија, а потоа истовремено да ги одржуваме двата идентитета. Во тоа непрекинато преминување од една реалност во друга, лесно го губиме чувството каде навистина сме присутни. Затоа би рекла дека најмногу ни треба седатив од таа нова реалност што подразбира постојана поврзаност, но не и вистинска блискост.
Трн: Твојата поезија е интимна, но темата е генерациска. Каде завршува твојата лична самотија, а каде почнува самотијата на една генерација?
Христина: Би сакала да можам прецизно да кажам: довде сум осамена јас, а одовде почнува мојата генерација. Меѓутоа, таа граница постојано ми бега. Мојата осаменост не настанува во вакуум: ја обликуваат времето во кое живеам, градовите низ кои минувам, технологијата, односите и истата неизвесност во која расте цела една генерација. Лирскиот субјект во моите песни можам да бидам јас, но може да биде и која било друга девојка од Балканот која се обидува да го разбере светот во кој живее и да најде начин да помине низ него.
Трн: Денес практично секој има можност јавно да се изрази – Инстаграм, ТикТок, блогови, поетски профили… Дали никогаш не сме зборувале повеќе, а никогаш помалку не сме кажале нешто навистина?
Христина: Денес сите имаме микрофон, а речиси никој нема слушалки. Не мислам дека проблемот е во тоа што премногу зборуваме потребата да се изразиме отсекогаш постоела. Поважно прашање е: кога сите зборуваат, кој сè уште слуша? Можеби никогаш не сме кажале помалку токму затоа што сè поретко застануваме за да го слушнеме одговорот.
Трн: Се занимаваш и со поетски перформанс. Што може телото да каже што стихот не може и обратно?
Христина: Стихот му дозволува на читателот да остане на безбедна дистанца; телото му ја одзема таа сигурност. Затоа мојот перформанс секогаш е во служба на поезијата не ја преведува во движење ниту ја објаснува, туку на нејзиното значење му додава нова димензија.
Она што најмногу ме интересира е непријатноста што тогаш се појавува: мојата, затоа што интимниот текст морам да го отелотворам пред други, и непријатноста на публиката, која повеќе не може само мирно да го набљудува. Кога текстот добива тело, читателот станува слушател. А кога тоа тело ќе зачекори во интимниот простор на поезијата, слушателот станува учесник. Токму во таа укината дистанца за мене започнува перформансот.
Трн: Членка си на колективот „СВИ МИ“ и една од основачките на „Проред“. Дали поезијата денес повеќе се создава во заедница отколку во самотија?
Христина: Би рекла дека поезијата се раѓа во самотија, но денес сè почесто расте во заедница. Пишувањето е интимен и индивидуален чин, но колективот е тој што ѝ дава простор на песната да биде прочитана, изведена, преиспитана и соочена со поинакви гласови.
Трн: Пишувањето често се романтизира како осамен чин. Ти имаш искуство и со колективи. Што добиваш кога текстот ќе престане да биде само „твој“?
Христина: Добивам строг критичар пред текстот да ја здогледа светлината на денот, а тоа, ми се чини, е еден од најдобрите показатели на пријателството. Добивам можност сопствената песна да ја согледам од агли што самата не би можела да ги достигнам, да ги преиспитам своите одлуки и да откријам нови можни читања.
Најважно, добивам одговор на прашањето: дали навистина го кажав она што сакав да го кажам? Додека пишуваме, лесно се занесуваме и веруваме дека нешто е јасно само затоа што нам ни е јасно. Дури преку туѓото читање можеме да видиме како текстот го разбира некој кој, сепак, не живее во нашата глава.
Трн: Студираше социјална политика и социјална работа. Колку таа перспектива влегува во твојата поезија? Може ли писателот да го набљудува светот само како естетика кога живее во општество полно со проблеми?
Христина: Писателот може, но јас не можам и двата избора за мене се подеднакво легитимни. Не мислам дека книжевноста мора да реагира на секој општествен проблем, ниту дека секој текст мора да носи јасна порака.
Во пишувањето првенствено ме интересираат убавината на јазикот, формата и имагинацијата. Студиите ме научија да обрнувам внимание на она што често останува надвор од кадарот: на сите невидливи механизми што влијаат врз нашите избори, односи и можности. Општествениот контекст затоа е подлогата врз која создавам, а естетиката е она што се обидувам дополнително да го градам врз таа подлога. Едното не го потиснува другото, заедно го сочинуваат начинот на кој го гледам светот и пишувам за него.
Трн: Твои песни сега се преведени и објавени во „Тригер“. Што се случува со една песна кога ќе ја напушти својата земја, јазик и првичен контекст? Дали станува друга песна?
Христина: Мислам дека песната станува поинаква со секој читател, дури и кога останува на јазикот на кој е напишана. Преводот ја прави таа промена повидлива. Тој е еден вид проверка од што навистина е составена песната: што во неа може да премине во друг јазик, што ќе ја промени формата, а што е толку поврзано со звукот и ритамот на оригиналот што мора одново да се осмисли.
Затоа преведената песна за мене не е сосема друга песна, но е проширена верзија на самата себе. Во неа повеќе не се присутни само намерата на авторот и искуството на читателот, туку и одлуките на преведувачот – читателот кој мора повторно да ја напише песната.
Трн: Што би сакала македонскиот читател да препознае во твојата поезија? Нешто српско, нешто балканско или нешто што ни е целосно заедничко?
Христина: Би сакала најнапред да препознае нешто што ни е заедничко. Лирскиот субјект во моите песни се движи по тенката граница меѓу виртуелниот и стварниот свет: првиот е речиси глобален, додека вториот е обоен со просторот во кој живееме. Затоа и лирскиот свет суптилно се прекршува од универзалното кон балканското.
Осаменоста, потребата од блискост и обидот да останеме присутни ни се заеднички на сите, но начинот на кој ги живееме носи траги од јазикот, средината и наследството.