„Макс Хавелар“ (првично објавен во 1860-та година), наречен од индонезискиот романсиер П. А. Тоер „книгата што го уби колонијализмот“, широко се смета за еден од највлијателните холандски романи, кои заради живописната и остра критика на колонијалистичката експлоатација во периодот на Холандски Источни Инди (денешна Индонезија), послужиле низ годините како материјал за пост-колонијалната книжевна критика и теорија.

И покрај одредени промени пред печатењето, книгата постигнала голем успех и предизвикала голема јавна и политичка дебата, издвојувајќи се како единствен ваков книжевен феномен во холандското општество.
Едуард Дувес Декер – Мултатули (1820–1887) е роден во Амстердам и работел како висок колонијален службеник во Холандските Источни Инди дваесетина години. Неговите спротивставувања кон злоупотребите во холандскиот колонијален систем довеле до нарушени односи со претпоставените и на крајот, до негова оставка во 1856 година. Тој се надевал дека објавувањето на овој роман ќе отвори пат кон реформирање на колонијалниот систем, а него ќе го врати на функција како висок службеник во колонијалната управа, што не се случило.
Социјалната критика на Мултатули продолжила и во неговите подоцнежни дела, како што се: популарната драма Училиште за принцовите (1872) и полуавтобиографскиот роман Woutertje Pieterse (1890), за едно младо момче од крајот на XVIII век во Амстердам.
Неколку години по објавувањето на „Макс Хавелар“, Мултатули заминал во Германија, а во 1877 г. престанал да пишува. Денес, тој се смета за најголем холандски писател од деветнаесеттиот век и основоположник на современата холандска литература. Меѓу неговите обожаватели се и Д.Х. Лоренс и Зигмунд Фројд.