Хеликоптери прелетуваат над Белград и се упатуваат кон Делиблатската Пешчара: голема воздушна операција против пожарот

Србија веќе доби помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во земјата пристигнаа четири хеликоптери „rescEU Black Hawk“ – два од Чешка и по еден од Словачка и Романија.

Повеќе хеликоптери денеска се забележани над Белград, а според информациите од теренот се упатуваат кон Делиблатската Пешчара, каде што со денови трае борбата со големиот пожар. Според српските медиуми, леталата се очекува да се вклучат во гаснењето на пожарот, во кој повторно се ангажирани големи противпожарни сили.

Србија веќе доби помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во земјата пристигнаа четири хеликоптери „rescEU Black Hawk“ – два од Чешка и по еден од Словачка и Романија.

Во гаснењето претходниот ден учествувале пет хеликоптери три на српското Министерство за внатрешни работи и два пристигнати преку европскиот механизам. Заедно исфрлиле околу 370 тони вода. Во акцијата е ангажиран и рускиот авион „Иљушин“, кој на 20 и 21 август во десет налети исфрлил вкупно 420 тони вода врз пожариштата.

Пожарот во Делиблатската Пешчара е активен од 5 август, а високите температури, сувата вегетација и променливиот ветер дополнително го отежнуваат гаснењето. Иако состојбата денес е нешто поповолна, на одредени места сè уште постои опасност од повторно разгорување. На теренот се пожарникари, полиција, хеликоптерската единица на МВР, други служби и доброволци.

Српските власти претходно побараа дополнителна меѓународна помош, а за утре е најавено и пристигнување на германски копнен тим. Големата воздушна операција продолжува, додека пожарникарите се обидуваат да спречат огнот повторно да се разгорува во услови на високи температури и ветер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс