Хеликоптер со медицински тим се урна во Малезија: Загинаа пет лица

Во хеликоптерот биле пилот и четворица службеници на Министерството за здравство, кои биле на службена задача

Пет лица, меѓу кои и членови на медицински тим, загинаа во пад на хеликоптер во Малезија, соопшти денеска министерот за здравство на земјата, Џулкефли Ахмад. Според првичните информации, во хеликоптерот биле пилотот и четворица службеници на Министерството за здравство. Леталото се урнало во вторникот во близина на аеродромот Лонг Леланг, во малезиската сојузна држава Саравак на островот Борнео.

Меѓу загинатите биле медицински службеник, негов помошник и две медицински сестри, кои биле на службена задача.

Потрагата отежната поради густата магла

Полицискиот комесар на Саравак, Мохамад Заинал Абдула, соопшти дека спасувачката операција била отежната поради густата магла. Поради лошата видливост, на спасувачките екипи не им било дозволено во потрагата да користат други хеликоптери или авиони.

Дополнителен проблем претставувала и оддалеченоста на местото на несреќата. До него, според властите, се патува околу десет часа по копнен пат.

Саравак погоден од чад и загаден воздух

Саравак во последните денови бил покриен со густа магла, која се поврзува со големи шумски пожари во соседна Индонезија. Минатата недела Малезија прогласила вонредна состојба во округот Серијан во Саравак, откако загадувањето на воздухот достигнало опасно ниво. Вонредната состојба подоцна била укината.

„Летечките лекари“ вообичаено се користат за обезбедување медицинска помош, итен транспорт и здравствени услуги во рурални и тешко достапни подрачја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс