Германија деновиве се соочува со нов хаос во авионскиот сообраќај, откако штрајк на пилотите во Lufthansa и нејзината нискобуџетна подружница Eurowings доведе до масовни откажувања на летови. Пилотите штрајкуваа втор ден по ред поради спор околу подобри плати и пензии, објави новинската агенција ДПА.
Според Reuters, штрајкот почнал на 13 април и продолжил и на 14 април, при што биле погодени летовите на Lufthansa, Lufthansa Cargo и CityLine.
Во Франкфурт, најголемиот аеродром во Германија и главен центар на Lufthansa, во понеделник и вторник беа укинати повеќе од 1.100 полетувања и слетувања, додека во Минхен беа откажани уште 710 летови.
Акцијата ја организира синдикатот Vereinigung Cockpit, кој бара решение за спорот околу пензиските услови. Од синдикатот порачаа дека до штрајк дошло по неуспешни преговори и поради тоа што, според нив, компанијата не понудила сериозен одговор на барањата. Lufthansa, пак, го оцени штрајкот како екстремна ескалација и ги нарече синдикалните барања нереални.
Ова не е прв удар врз германскиот авионски сообраќај во последните недели. Само неколку дена претходно, Reuters објави и за еднодневен штрајк на кабинскиот персонал на Lufthansa, што беше уште еден знак дека трудовите спорови во германската авијација се продлабочуваат.