Крузерот „МВ Хондиус“, на кој се потврдени случаи на хантавирус и три смртни случаи, треба да пристигне кај Тенерифе, каде шпанските власти ќе ја координираат евакуацијата и здравствениот надзор на патниците.
Крузерот „МВ Хондиус“, погоден од појава на хантавирус, треба да пристигне кај шпанскиот остров Тенерифе, по неколкунеделна здравствена криза на бродот. Според операторот „Оушнвајд експедишнс“, подготовките за пристигнување, карантин, здравствени проверки и понатамошно патување на патниците се координираат со институции од повеќе земји, меѓу кои Светската здравствена организација, холандските и шпанските власти.
На бродот, кој плови под холандско знаме, имало околу 147 патници и членови на екипажот од повеќе земји. СЗО потврди шест случаи на хантавирус меѓу осум сомнителни случаи, со три смртни случаи. Според европските здравствени власти, ситуацијата сè уште се следи внимателно, бидејќи инкубацискиот период може да трае и до неколку недели.
Од четврток нема нови сомнителни случаи меѓу патниците на бродот, но здравствените власти остануваат внимателни. По пристигнувањето кај пристаништето Гранадиља на Тенерифе, се очекува патниците да бидат прегледани и организирано евакуирани според протоколи што треба да го намалат ризикот за локалното население и за самите патници.
Според планот што го пренесува Ројтерс, бродот треба да остане закотвен во близина на брегот, а патниците да бидат префрлани на копно со помали пловила. Потоа, со изолирани автобуси и персонал во заштитна опрема, тие би биле однесени до аеродром за репатријација. САД и Обединетото Кралство веќе најавиле чартер-летови за своите државјани.
Три лица починаа по појавата на заразата на крузерот, кој на 1 април испловил од Ушуаја во јужна Аргентина. Според „Оушнвајд експедишнс“, дел од патниците претходно се симнале на островот Света Елена, а компанијата наведува дека сите биле контактирани откако бил потврден првиот случај на хантавирус.
СЗО нагласува дека ризикот за пошироката јавност е низок. Хантавирусите најчесто се поврзани со контакт со заразени глодари, но во овој случај станува збор за вирусот Анди, редок тип за кој е познато дека може да се пренесува меѓу луѓе при близок и подолг контакт.
Евакуацијата може да биде отежната од временските услови. Шпанските власти имаат ограничен временски прозорец за безбедно симнување на патниците, а локалните служби подготвиле медицински капацитети и посебни протоколи за транспорт.
Иако случајот предизвика загриженост на Тенерифе, меѓународните здравствени институции засега не очекуваат пошироко ширење. Главниот фокус останува на безбедно пристигнување на бродот, здравствена проценка на патниците и организирано враќање во нивните земји.