Иако одлуката физичкото издание на GTA 6 да биде испорачано без диск, само со код за преземање, предизвика бурни реакции кај дел од гејминг-заедницата, интересот за играта не стивнува.
Најочекуваната игра во последната деценија веќе доминира на листите за преднарачки и продажба, и во дигитална и во „физичка“ форма, покажувајќи дека желбата на играчите да дојдат до свој примерок е посилна од критиките околу начинот на дистрибуција.
Дигиталната верзија за PlayStation 5 е меѓу најпродаваните игри на повеќе регионални верзии на PlayStation Store, вклучувајќи големи пазари како САД, Обединетото Кралство и Јапонија.
Според достапните податоци, голем дел од купувачите се одлучуваат и за поскапото Ultimate издание, кое на европскиот пазар чини околу 99,99 евра.
Кутија без диск што сепак се продава масовно
Она што најмногу ги изненади фановите е фактот дека и физичкото издание на Grand Theft Auto 6 се продава исклучително добро, иако во кутијата нема да има диск, туку само код за преземање на играта од интернет.
Оваа одлука предизвика незадоволство кај колекционерите и љубителите на физички медиуми, кои сметаат дека на овој начин се губи вистинската вредност на поседување игра во физичка форма.
За нив, кутија без диск не е вистинско физичко издание, бидејќи играта не може да се користи, препродаде или зачува на ист начин како класична копија на диск.
Сепак, продажбата покажува дека за голем дел од играчите тоа не е пресудно.
Зошто Rockstar би се одлучил на ваков потег?
Rockstar Games сè уште нема детално објаснето зошто се одлучил на физичко издание без диск.
Во индустријата се споменуваат неколку можни причини. Една од нив е намалување на ризикот од протекување информации или предвремено појавување на играта пред официјалниот датум, што во минатото често се случуваше преку физички копии кои стигнувале порано до продавници или купувачи.
Други можни причини се намалување на трошоците за производство и дистрибуција, како и оставање повеќе простор играта да се доработува до последен момент пред излегувањето.
Излегува на 19 ноември
Grand Theft Auto 6 официјално треба да излезе на 19 ноември за PlayStation 5 и Xbox Series X/S.
Играчите што ќе ја преднарачаат играта ќе можат да започнат со пред-преземање од 12 ноември, за да бидат подготвени на денот на излегувањето.
И покрај контроверзијата околу физичкото издание, едно е јасно: GTA 6 веќе го диктира темпото во гејминг-индустријата уште пред официјалната премиера.