Грција планира петкратно да го зголеми данокот за пренос на недвижности за дел од странските купувачи. Од 1 јули 2027 година, физичките лица што се државјани на земји надвор од Европската Унија и Европскиот економски простор при купување стан или куќа треба да плаќаат данок од 15 наместо сегашните три отсто.
Мерката се однесува на еднократниот данок што се плаќа при преносот на сопственоста, а не на редовниот годишен данок на имот. Според досега објавените информации, новата стапка ќе важи само за купувачи што немаат статус на долгорочен жител во Грција или во друга земја од ЕУ.
Тоа значи дека со мерката би биле опфатени и македонските државјани што купуваат стан или куќа во Грција, доколку немаат соодветен статус на долгорочен престој. Конечниот опфат, сепак, ќе биде познат откако ќе биде објавен и усвоен законскиот текст.
Колку ќе поскапи купувањето?
Разликата во трошоците може да биде значителна. Ако основата за оданочување на еден стан изнесува 200.000 евра, според сегашната стапка данокот би бил 6.000 евра. Со стапка од 15 отсто, купувачот би требало да плати 30.000 евра, односно 24.000 евра повеќе.
За недвижност проценета на 400.000 евра, даночната обврска би се зголемила од 12.000 на 60.000 евра.
Според грчките медиуми, повисокиот данок треба да се применува исклучиво при купување станови и куќи. Деловните простории, парцелите и другите категории недвижности засега не се опфатени со најавената промена. Не се опфатени ниту купувачите од ЕУ и Европскиот економски простор, како и странците со признат статус на долгорочен жител. „Прото тема“ наведува дека мерката е насочена кон физички лица, што остава отворени прашања и за купувањата преку компании.
Неизвесност околу програмата „Златна виза“
Најавата предизвика реакција во грчкиот сектор за недвижности, кој стравува дека данокот може да ги намали странските инвестиции и да одложи дел од планираните трансакции.
Особено чувствително е прашањето за програмата „Златна виза“, преку која државјани на трети земји можат да добијат дозвола за престој со инвестирање во недвижности. Учесниците на пазарот бараат разјаснување дали сите купувања поврзани со програмата ќе се оданочуваат со 15 отсто или ќе има исклучоци за инвестиции со кои деловни објекти се претвораат во станови и се создава нов станбен простор.
Грчките медиуми потсетуваат дека меѓу најактивните купувачи на недвижности во земјата се државјани на Кина, Турција, Израел и други земји надвор од ЕУ. Затоа се очекува повисокиот данок најсилно да се почувствува во Атина, Солун и на популарните острови и крајбрежни подрачја.
Според Dnews и Powergame, претставниците на секторот предупредуваат дека мерката може да ја намали конкурентноста на грчкиот пазар и да ги насочи инвеститорите кон други медитерански земји. Владата, од друга страна, се обидува да го ограничи притисокот што странската побарувачка го создава врз цените и достапноста на становите.