Академски пленум удри по Вучиќ: „Кампањата почна, а академската заедница веќе е на мета“

epa11381386 A man walks past an election billboard of an opposition group 'Dad this is for you' depicting Serbian President Aleksandar Vucic in a prisoner jumpsuit in Belgrade, Serbia, 31 May 2024. Serbia's local and municipal elections, including those in Belgrade, are set for 02 June 2024, with significant opposition division as some parties boycott due to alleged unfair conditions. The Organization for Security and Co-operation in Europe (OSCE) will observe the elections to ensure compliance with democratic standards, following concerns over previous election irregularities. EPA/ANDREJ CUKIC

Нападот врз Даниел Синани, декан на Филозофскиот факултет во Белград, го отвори и прашањето за политичката атмосфера во која се случува инцидентот. Академски пленум во своето соопштение бара случајот да биде целосно истражен, сторителот да одговара, а државните институции да постапуваат професионално и врз основа на проверени информации.

„Очекуваме ефикасна истрага, утврдување на одговорноста и професионално постапување на државните органи“, наведува Академски пленум, додавајќи дека нападот врз деканот не смее да биде третиран како изолиран настан без да се земе предвид поширокиот контекст.

Во фокусот на нивното соопштение, сепак, се најде и настапот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој јавно говореше за осомничениот за нападот. Од Академски пленум тврдат дека дел од информациите што ги изнел претседателот не се совпаѓаат со официјалните податоци објавени од Министерството за внатрешни работи.

Според МВР на Србија, уапсен е 29-годишниот С. Ц., кој се сомничи дека извршил две разбојништва. Академски пленум посочува дека во јавниот настап на Вучиќ осомничениот бил опишан поинаку.

„Особено загрижува што претседателот на Републиката во својот јавен настап изнесе тврдења за возраста, потеклото и наводната зависност од дрога на осомничениот, кои не се потврдени со информациите на надлежните институции“, се наведува во писмото.

Оттаму бараат јавно да се разјасни врз што се темелат ваквите квалификации и зошто информациите што ги соопштува највисокиот државен функционер се разликуваат од податоците на полицијата.

„Од највисоките државни функционери очекуваме проверени информации, почитување на презумпцијата на невиност и воздржување од стигматизирање на осомничените лица“, пишува Академски пленум.

За академската заедница, проблемот не е само во точноста на информациите. Тие предупредуваат дека јавните настапи на политичарите можат да создадат дополнителна атмосфера на страв, поделби и агресија, особено кога криминален настан се користи за политички пораки.

„Изнесувањето непроверени информации и квалификации ја поткопува довербата во институциите, поттикнува ксенофобија и придонесува криминалниот настан да се претвори во политичка пропаганда“, оценува Академски пленум.

Во писмото се прави и поширока политичка врска со односот на власта кон универзитетските професори и студентите кои учествуваа во протестите и блокадите во Србија. Од Академски пленум потсетуваат дека академската заедница со години е предмет на јавни квалификации и политички напади.

Тие наведуваат дека професори и студенти биле означувани како „блокадери“, „предавници“ и „непријатели на државата“, оценувајќи дека таквата реторика придонесува за создавање амбиент во кој нападите врз академската заедница стануваат полесно прифатливи.

„Директната кривична одговорност за нападот мора да ја сноси сторителот, но политичката одговорност за создавањето атмосфера на агресија и омраза не може да се занемари“, стои во соопштението.

Академски пленум затоа не го гледа случајот само како прашање на индивидуален напад врз еден декан, туку и како дел од поширока политичка борба во која академската заедница повторно се најде во центарот.

„Кампањата допрва почна, а академската заедница веќе е на мета“, порачуваат од Академски пленум.

е-Трн да боцка во твојот инбокс