Грција турка нова динамика за влез на Западен Балкан во ЕУ

Јоргос Герапетритис ја посочи Декларацијата од Делфи како нов поттик за европската перспектива на регионот.
European Union flag. Free public domain CC0 photo.

Грција сака проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан да премине од политичка порака во реален процес, порача грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Тој потсети на Декларацијата од Делфи, потпишана пред неколку недели, со која Грција и земјите од регионот ја потврдија заложбата за европска интеграција. Според Герапетритис, документот треба да внесе нова динамика во процесот, особено во пресрет на грчкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година.

На денешниот состанок во Брисел, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат и за Западен Балкан, Украина и Газа. За регионот, фокусот е на реформите, европската перспектива и безбедносните предизвици, во момент кога Брисел повторно ја нагласува потребата од забрзување на проширувањето.

Герапетритис најави дека ќе ги информира колегите и за поморскиот дрон пронајден кај Лефкада во Јонското Море, случај што грчките власти го оценуваат како сериозен безбедносен инцидент. Истрагата ја води грчкото Министерство за одбрана, а Атина најавува реакција откако ќе бидат утврдени техничките карактеристики на дронот.

Грчкиот министер порача дека Атина нема да дозволи Медитеранот да стане простор за воени операции што би ја загрозиле слободата на пловидба, безбедноста на граѓаните и животната средина. Во таа рамка, грчката порака за Западен Балкан е јасна: стабилноста на регионот и неговиот европски пат се дел од пошироката безбедносна слика на Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни