Грчките изнајмувачи бараат „црна листа“ на туристи: Сакаат заштита од проблематични гости

Посебно се издвојуваат гостите кои се закануваат со лоша оценка за да добијат поврат на пари или бесплатно ноќевање, како и оние кои заминуваат без да платат или намерно го оштетуваат инвентарот.

Во Грција се разгорува дебата меѓу сопствениците на приватно сместување за воведување евиденција на проблематични туристи, односно своевидна „црна листа“ на гости кои сериозно го злоупотребуваат сместувањето. Идејата е да се заштитат изнајмувачите од гости кои не плаќаат, намерно оштетуваат имот, крадат предмети, се закануваат или го злоупотребуваат системот на онлајн оценки.

На листата, според предлогот, не би требало да завршуваат туристи само затоа што се пожалиле на услугата или оставиле негативна рецензија. За упис би биле потребни докази за сериозен прекршок – фотографии од штетата, сметки за поправки, комуникација со гостите или официјални записници.

Посебно се издвојуваат гостите кои се закануваат со лоша оценка за да добијат поврат на пари или бесплатно ноќевање, како и оние кои заминуваат без да платат или намерно го оштетуваат инвентарот.

Но, идејата отвора сериозни прашања

Кој ќе одлучува кој турист е „проблематичен“? И што ќе спречи сопствениците да ја користат листата за лични пресметки? Критичарите предупредуваат дека ваков систем би можел да ги натера туристите да се воздржуваат од оправдани поплаки. Се отвора и прашањето за заштита на личните податоци, правото на жалба и бришење од листата.

Затоа, доколку некогаш биде воспоставена, евиденцијата би морала да има јасни правила, проверка на секоја пријава и можност туристот да ги оспори наводите. Засега нема официјална одлука во Грција за воведување ваква „црна листа“. Станува збор за идеја која се дискутира меѓу изнајмувачите и во туристичките кругови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс