Search

Градската триатлон трка создава нови генерации триатлонци подготвени за европско натпреварување

На 19 мај 2024 година ќе се одржи четвртиот градски триатлон – спринт дистанца. Триатлон е спорт кој се состои од: пливање, велосипедизам и трчање. Овие три спорта се прават одеднаш, еден по друг. Ова е настан на кој може да учествуваат натпреварувачи од сите можни возрасти и нуди иделни услови за почетници и професионалци од овој спорт. Организаторите велат дека е добредојден секој кој сака да доживее една нова авантура и да се направи себеси горд. Главниот град повторно ќе биде место каде што ќе се слави триатлонот – спорт кој е брзорастечки во светот, а и кај нас добива сè поголемо внимание. Со Данчо Ѓорѓијевски, кој го води најбројниот триатлонски клуб во Македонија „Триоги рејсинг“ и е организатор на натпреварот поразговаравме за претстојната трка.

Трн:  Колкав е интересот досега, колку има пријавено и до кога трае пријавувањето?

Данчо: Интересот е навистина голем за Stopanska Triogy Triatlon 2024, како од наши натпреварувачи, така и од натпреварувачи од регионот. Досега имаме преку 250 пријавени, остануваат уште 50 празни места. Иако пријавувањето трае до 10 мај, мислам дека бројката ќе биде пополнета во наредните неколку дена.

Трн:  Има ли разлика во самата трка во однос на претходните години?

Данчо: Годинава ќе ја имаме истата патека за натпреварот – ќе се плива во базенот „Борис Трајковски“, ќе се вози велосипед долж бул. Илинден, а ќе се трча околу СЦ „Борис Трајковски“. Се трудиме секоја година да стануваме сè подобри, да увидуваме грешки и да изнаоѓаме решенија, имаме одличен волонтерски состав, којшто е многу важен за трката да биде најдобра што може. Особено сум им благодарен на сите помагатели и спонзори на трката, кои покажуваат доблест да го помогнат спортот во овие тешки времиња. Посебна благодарност до „Стопанска лизинг“ кои и годинава се со нас. Ова се многу сиромашни години за нашиот спорт генерално. Се укина системот за ваучери што на нас помалите и индивидуални спортови многу ни значеше.

Трн: Колку странци очекувате годинава и дали се зголемува меѓународното учество од година во година?

Данчо: Веќе имаме 120 пријавени учесници од странство што претставува рекорд не само кај нас, туку и во целиот регион.

Трн: Кој сè може да се пријави?

Данчо:  Може да се пријави буквално секој кој се чувствува способен да заврши една ваква трка. Имаме дечиња од 5-6 години, имаме и возрасни луѓе од над 60 години. Сепак најголем број од нашите учесници си го гледаат овој натпревар како свој личен предизвик и момент за себенадминување.

Трн:  Кои категории ги има?

Данчо: • Елит/Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање • Јуниори (2008-2005): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање • Кадети (2011-2009): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање • Деца 2 (2014-2012): 175м пливање, 4км велосипед, 1км трчање • Деца 1 (2015 и помали): 75м пливање, 2км велосипед, 0.5км трчање • Рекреативци (Age Group), 2001 година и постари: 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање

• Тимски триатлон – екипа од 3 членови во која мора да има барем еден учесник од машки и еден од женски пол (мешани тимови), секој учесник одработува по една дисциплина: 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање.

Трн: Кои се правилата? Дали досега некој сте дисквалификувале и зошто?

Данчо: Нашата трка е во технична организација на нашата Триатлон Федерација и самата трка се одржува по правилата на ITU (Интернационалната Триатлон Организација). Секој сегмент од трката си има свои правила и прописи кои треба да се почитуваат и за чие пречекорување се добиваат казни (пенали), а неретко се случуваат и дисквалификации, најчесто за крајно неспортско однесување.

Трн: И што ако врне?

Данчо: Бидејки триатлонот е трка која се одржува на отворено, дождот е многу чест дел од нашите трки. Така на пример минатата година во текот на целата трка врнеше, но сепак трката се одржа и сè помина во најдобар ред. Ретки се откажувањата на трки или сегменти на трки поради временски непогоди.

 Трн: Како вие влеговте во приказната наречена триатлон?

Данчо: Неколку години јас лично се бавев со триатлон на долги дистанци (Ironman), па некако дел од таа моја љубов кон триатлонот сакав да ја споделам и со помалите генерации. А во исто време сакав да направам нешто општествено-одговорно, а со самото тоа и да ја подигнам целата триатлон култура во нашата земја. И лично ми претставува голем персонален триумф што денеска имаме Триатлон трка во Скопје на која има 300 учесници и што денес македонскиот триатлон има нови генерации млади триатлонци подготвени да се носат со своите врсници од цела Европа.

Најново

Последни колумни