Повлекувањето на 5.000 американски војници од Германија, што го најави претседателот Доналд Трамп, ќе има разорно влијание врз заедниците каде што се наоѓаат американските бази, изјави денес градоначалникот на Рамштајн-Мизенбах, Ралф Хехлер. Градот во југозападна Германија е дом на воздухопловната база Рамштајн, седиштето на американските воздухопловни сили во Европа.
Вашингтон сè уште не објави кои воени бази ќе бидат засегнати од повлекувањето, но Хехлер верува дека таков потег, кој доаѓа по критиките за војната во Иран од страна на германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно оваа недела, би можел да има „катастрофално“ влијание ако Рамштајн-Мизенбах е меѓу нив.
Вклучувајќи ги и членовите на семејствата на војниците, повлекувањето би можело да опфати до 12.000 луѓе, објасни тој. Општината се грижи за инфраструктурата за големиот број Американци што живеат таму. „Ако голем дел од населението замине, тоа ќе биде болен економски удар за нас“, рече градоначалникот
Општината Рамштајн-Мизенбах, која се наоѓа веднаш до огромната база на американските воздухопловни сили, е дом на речиси 8.000 Американци и нивните семејства. Економското влијание на американското воено присуство во Рамштајн изнесува повеќе од две милијарди долари годишно, вклучувајќи плати, кирии и договори со локалните бизниси.
Хечлер рече дека другите градови во регионот, од кои американските сили се повлекоа по завршувањето на Студената војна, никогаш не се опоравиле од ударот. „Тие сè уште ги трпат последиците денес. Откако економската моќ ќе исчезне, таа обично никогаш не се враќа“, рече тој.
Американските воени бројки од април покажуваат дека околу 86.000 американски војници моментално се стационирани во Европа, од кои околу 39.000 во Германија. Бројката редовно се менува, делумно поради ротации и воени вежби.