Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, изјави дека градот се соочува со сериозна епидемија на употреба на кокаин, предупредувајќи дека ова веќе не е маргинален, туку општествен проблем од големи размери.
„Кокаин се шмрка на секој агол, а месечната потрошувачка може да се мери во камиони, не во грамови“, рече Франковиќ на седница на Градскиот совет.
Тој побара од Советот за спречување на криминалот да реагира итно – преку едукативни кампањи, засилени контроли и политики за намалување на употребата на дрога меѓу младите.
„Прво треба да ги предупредиме младите за опасностите. Кокаинот е дрога на богатите – на оние што имаат пари, а не знаат што друго да направат, па шмркаат додека не ја изгубат свеста“, додаде градоначалникот.
Франковиќ нагласи дека проблемот не се ограничува само на кокаинот, туку и на амфетамини, екстази и други синтетички дроги чија потрошувачка, според него, достигнува „огромни количини“.
Тој апелираше институциите и јавноста да го сфатат прашањето сериозно: „Ова е голем општествен проблем што го засега секого – време е сите да се вклучиме.“