Жителите на делови од Гостивар деновиве се соочуваат со дополнителен проблем, бидејќи покрај тоа што водата сè уште не смее да се користи за пиење и подготовка на храна, во одредени населби привремено нема ниту техничка вода.
Причина за тоа е процесот на интензивно чистење, испирање и дезинфекција на водоводната мрежа, кој се спроведува по големата здравствена криза предизвикана од загадувањето на водоснабдителниот систем.
Надлежните институции посочуваат дека водата во Гостивар и понатаму може да се користи само за технички потреби таму каде што е достапна, додека за да биде повторно прогласена за безбедна за пиење, неопходно е да се добијат три последователни исправни лабораториски анализи од сите контролни точки во градот.
Во меѓувреме, продолжува доставата на флаширана вода и вода со цистерни за населението, додека екипите на терен работат на испирање на инсталациите и отстранување на преостанатата бактериолошка контаминација.
Кризата започна по масовното труење на илјадници жители, по што беше прогласена епидемија и започна истрага за начинот на кој дошло до загадувањето на водоснабдителниот систем. Во меѓувреме, повеќе лица се опфатени со истражната постапка, а институциите продолжуваат со анализа на причините и одговорноста за инцидентот.
Иако состојбата постепено се подобрува, надлежните апелираат граѓаните и понатаму да не ја користат водата за пиење или подготовка на храна сè додека официјално не биде соопштено дека водоснабдителниот систем е целосно безбеден.