Секој што чува цвеќиња дома постојано бара нови, природни начини за нивно прихранување, па затоа социјалните мрежи се преплавени со трикови за искористување на кујнските отпадоци. Меѓу најпопуларните дефинитивно се лушпите од јајца. Сепак, пред да почнете да ги собирате и да ги фрлате во саксиите, експертите советуваат добро да размислите. Вистината е дека лушпите од јајца технички имаат одредени придобивки, но нивниот капацитет во затворен простор е толку ограничен што веројатно само ќе си направите дополнителен проблем во домот. Експертите за хортикултура Шејн Плиска, Џонатан Викли и Розалин Ортега објаснуваат зошто овој популарен метод воопшто не е толку ефикасен колку што се мисли.
Главниот проблем лежи во тоа што вашите собни растенија живеат во вештачки, изолиран простор. За разлика од дворот и градината, во куќата нема дожд, директно сонце, црви и сите оние микроорганизми кои го сочинуваат природниот екосистем задолжен за разградување на органскиот отпад. Поради ова, лушпите од јајца во саксијата се разградуваат екстремно бавно. Процесот е толку сопрен што растението едноставно не може навреме да ги извлече хранливите материи, па лушпите наместо корисно ѓубриво, стануваат обичен отпад на површината на земјата.
Се разбира, не може да се негира дека лушпите се преполни со калциум, кој е исклучително важен за здравјето и цврстината на растенијата. Исто така, кај надворешните растенија тие можат да ја подобрат структурата на почвата, да ја зголемат аерацијата и да послужат како физичка бариера која ги одвраќа мекотелните штетници како полжавите. Но, кога станува збор за внатрешните услови, негативните страни едноставно ги надминуваат позитивните. Лушпите од јајца не се инстант решение ниту замена за избалансирано макроѓубриво, а доколку стојат влажни на површината на земјата, тие стануваат совршена подлога за развој на мувла и габички. Дополнително, ако не се претходно детално измиени и исушени, остатоците од белка во нив брзо ќе почнат да шират непријатна миризба и ќе станат магнет за мушички и други кујнски штетници.
Доколку и покрај сè сакате да го тестирате овој метод, мора правилно да ги подготвите лушпите пред да ги ставите во контакт со цвеќето. Прво, убаво исчистете ги и исушете ги. Експертите препорачуваат дури и да ги потпечете во рерна на ниска температура околу дваесетина минути за да ги стерилизирате и да ги уништите евентуалните бактерии како салмонела. Потоа, со блендер или аван сомелете ги во најситен можен прав (како брашно) и дури тогаш измешајте многу мало количество во земјата. Друга, побезбедна опција е да направите таканаречен „чај“ од јајца: сомелените лушпи киснете ги во вода 24 до 48 часа, а потоа со таа процедена вода полејте ги цвеќињата. Сепак, запомнете дека ова треба да се користи само како благ, повремен суплемент, а не како главно прихранување.
На крајот, многу е важно да знаете дека лушпите од јајца ја зголемуваат алкалноста на почвата, односно ја покачуваат нејзината pH вредност. Тоа значи дека тие се добри само за растенија кои сакаат неутрална или базна средина. Доколку ги ставите кај растенија кои уживаат во кисела почва – како што се африканските виолетки, папратите или бегониите – можете сериозно да им наштетите, да им го стопирате растот и да предизвикате сушење. Затоа, за бујни и здрави собни растенија, секогаш е подобро да се потпрете на проверени, купечки течни ѓубрива кои на коренот веднаш му го даваат она што му е потребно.