Новиот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран би можел да донесе дополнително олеснување на светскиот нафтен пазар и нов пад на цените на горивата. Американското Министерство за финансии одобри привремена општа лиценца со која до 21 август се дозволува производство, испорака и продажба на сурова нафта, нафтени деривати и петрохемиски производи со потекло од Иран.
Одлуката следува по потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Вашингтон и Техеран, а првата рунда разговори за негово спроведување веќе се одржа во текот на изминатиот викенд. Според договореното, САД ќе овозможат привремени исклучоци од санкциите поврзани со извозот на иранска сурова нафта, нафтени производи и деривати, како и за услугите поврзани со нивната продажба, транспорт, осигурување и банкарски трансакции.
Лиценцата дозволува и увоз на иранска сурова нафта, петрохемиски и нафтени производи на американскиот пазар, што претставува значителен чекор кон нормализирање на економските односи меѓу двете земји. Експертите оценуваат дека враќањето на дополнителни количини иранска нафта на светскиот пазар може да ја зголеми понудата и да изврши дополнителен притисок врз цените на енергенсите. Тоа веќе се одразува на берзанските движења, каде што цените на нафтата бележат пад по сигналите за напредок во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран.
Овој развој на настаните доаѓа во период кога и во Македонија веќе има значително намалување на цените на горивата. Аналитичарите сметаат дека доколку продолжи трендот на стабилизација на Блискиот Исток и зголемен извоз на иранска нафта, во наредниот период може да следуваат и нови корекции на цените на нафтените деривати. Од американското Министерство за финансии нагласуваат дека лиценцата не се однесува на трансакции поврзани со Северна Кореја и Куба, а нејзината важност засега е ограничена до 21 август.