Голем пожар од Србија се приближува кон Македонија: густ чад ги обви Липково и Куманово

Засега нема потврда дека пожарот ја преминал границата и се проширил на македонска територија. Засилениот чад над североисточниот дел од земјата, сепак, е дополнително предупредување дека опасноста од пожари останува висока.

Голем пожар што беснее на српска територија се приближува кон македонската граница, а густиот чад веќе е забележан над Липково, Арачиново и Куманово. Според информациите што ги објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, огнената стихија се движи од правец на српското село Трнава кон селото Стража во Општина Липково, над граничниот премин Табановце.

„Се работи за многу лош пожар со огромен интензитет“, предупредува Михаилов, кој апелира пожарот да биде ставен под контрола пред да се приближи до македонска територија. Густиот чад, според неговите информации, веќе ја обвил речиси целата Општина Липково, делови од Општина Арачиново, а се чувствува и во Куманово.

Ситуацијата доаѓа во период кога и Македонија се соочува со голем број активни пожари. Само во изминатото деноноќие биле регистрирани 31 пожар на отворен простор, од кои осум останале активни. Пожари во последните денови има и во липковскиот регион, што дополнително ја зголемува загриженоста во северниот дел од земјата.

Во Србија, во меѓувреме, се регистрирани сериозни шумски пожари, а снимки од пожарот во Делиблатската Пешчара покажуваат големи количини чад над погоденото подрачје.

Засега нема потврда дека пожарот ја преминал границата и се проширил на македонска територија. Засилениот чад над североисточниот дел од земјата, сепак, е дополнително предупредување дека опасноста од пожари останува висока.

е-Трн да боцка во твојот инбокс