И во време кога младата алтернативна сцена во Македонија сè уште се бори за простор, видливост и основна институционална поддршка, постојат млади луѓе што создаваат, организираат, поврзуваат. Токму таква е приказната на музичкиот колектив „Гола планина“ – група млади музички ентузијасти, организатори и автори кои веќе пет години неуморно работат на поддршка на локалните млади бендови, преку концерти, турнеи, издаваштво и создавање простор за нова генерација музичари. Од таа енергија и посветеност произлезе и фестивалот „Сепак се врти“, патувачки музички фестивал што ја носи младата авторска музика надвор од вообичаените рамки и ја доближува до луѓето во повеќе градови низ државата.
Но, иако зад оваа иницијатива стојат млади луѓе со сериозен креативен и организациски потенцијал, годинава тие повторно се соочуваат со добро познатите пречки. Откако не добија поддршка од Министерството за култура и туризам, „Гола планина“ беа принудени финансирањето на овогодишното издание на „Сепак се врти“ да го побараат директно од публиката, преку онлајн донаторска кампања преку платформата eCrowd.
Во разговорот што следува, со „Гола планина“ зборуваме за тоа како започна фестивалот, што значи да се гради независна музичка сцена во услови на неизвесност и зошто, и покрај сите пречки, тие сè уште веруваат дека вреди да се создава нешто ново, свое и вистински важно.
Трн: Како започна фестивалот и колку долго постои во својата сегашна форма?
Гола планина: Фестивалот започна во 2024 година, во едно поскромно издание од тоа што е сега. Тогаш беше целодневен настан кај „Лепеза“ во Градскиот парк, и тогаш и сега недоволно искористен простор.
Уште од тоа издание еден од двата клучни постулати на фестивалот беше утврден – концерти во јавни протори, со локални млади авторски бендови кои имаат што да кажат. Лесно е алтернативната музика да остане заглавена во одредени кругови, а на овој начин размрдуваме секакви случајни поминувачи.
Од минатата година се постави вториот постулат на фестивалот – да се шири музиката на младите надвор од рамките на главниот град. Лани бевме во Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје, а оваа година сме во Охрид, Кичево, Кавадарци и Скопје. Иако овој постулат значајно ни го зголеми обемот на работа, значајно ја зголеми и сатисфакцијата на сработеното.
„Сепак се врти“ е само еден дел од сите работи кои ги правиме со нашиот музички колектив „Гола планина“. Годинава славиме пет години од нашето постоење, пет години организирање свирки, издавање албуми и сè измеѓу. Гледаме да не се закоравиме, така што постојано менуваме што точно работиме, а и се прошируваме за да ги вклучиме и најмладите бендови во самиот работен процес, за да им го пренесеме нашето знаење, но и за да ни се рашараат идеите и за да се осигураме дека ќе има кој да ја наследи работата.



Трн: Колку бендови досега настапиле на фестивалот и кои имиња би ги издвоиле?
Гола планина: Имаат настапувано околу триесетина различни бендови, воглавно бендови со коишто имаме соработувано како „Гола планина“, или преку нашата издавачка куќа „Мртов коњ“. Тука спаѓаат Луфтанза, Кем, Хајка, Корпорација Вагина, Ата, Големата вода, Корка, Пич вајз, Такси конзилиум, Калико, Харакири, Димиш и многу, многу други. Навистина сме горди што ланската програма беше навистина квалитетна во секој град, а притоа беше исполнета со млади македонски бендови, за кои ни е чест да ги наречеме наши другари.
Трн: Со какви предизвици најчесто се соочувате во организацијата на фестивалот?
Гола планина: Главниот предизвик секогаш останува, секако, наоѓањето на финансии. Првото издание на фестивалот беше финансирано исклучиво од донации, а лани добивме поддршка од Министерството за култура и туризам. Меѓутоа, оваа година останавме без таа институционална поддршка, па моравме да пробаме нешто ново, односно краудфандинг кампања преку eCrowd.
На терен, постојано излегуваат секакви предизвици. Некој микрофон не работи – да не има некој дома микрофон? Или генераторот не е доволно моќен – ајде, барај друг човек со генератори. Особено бидејќи фестивалот го организираме на невообичаени места, мораме сета опрема да ја носиме и организираме ние самите. Но, не можеме премногу да се жалиме за овој дел, бидејќи не само што сами си ја одбравме оваа судбина, туку и задоволството кога во последен момент ќе се вклопат сите коцки некако магично, е незаменливо.


Трн: Кој стои зад фестивалот денес и каква поддршка добивате?
Гола планина: Во однос на финансии, на цела екипа ни дојде убав ветер во грб одзивот на crowdfunding кампањата. Добивме едно чувство дека на луѓето навистина им значи сето тоа што го правиме сите овие години – и на најмладите, и на постарите гарди на алтернативната сцена.
Но, покрај паричната поддршка, најбитна ни е духовната, другарската и креативната поддршка од организации како „Партизнанска штампа“, „Канал 103“, „Рестарт“, „5 до 12“, „Култура бета“, „Ексцес фестивал“, „Пондер“, „Гунгула“, „Боилинг поинт“ и многу други. Сè што правиме со „Гола планина“ е дел од една поголема приказна – не можевме ништо без сите организации пред нас, тие кои моментално работат со нас и тие пред нас.



Трн: Дали кратењето на институционалната поддршка претставува дополнителен удар за младата алтернативна сцена?
Гола планина: Во секоја смисла. Имено, образложението за тоа зошто оваа година не се квалификувавме за финансиска поддршка од Минситерството за култура и туризам е бидејќи предуслов е фестиавлот кој аплицира да се има одржано најмалку три пати, секој пат со траење од најмалку два дена. Но, како би можел еден млад фестивал да пркне во тие три години кога му треба баш најмногу ветар во грб?
Оваа политика е само уште еден нож во грб за младата популација која сака да ѝ даде шанса на државата да се трансформира во нешто ново и свое. Но, очигледно, тие на власт немаат разбирање, мислат дека ние младите не се разбираме од ништо и дека само треба оние од претходните генерации да си продолжат со нивните манифестации, да не може ни случајно да се појави некаков нов играч на сцената.
Трн: По сите предизвици, дали оваа ситуација ве демотивира или ве турка да продолжите уште посилно?
Гола планина: Прво, целата ситуација дефинитивно делуваше демотивирачки. Но, како што напоменавме, одзивот на луѓе кои се подготвени да нè поддржат дефинитивно ни даде нова мотивација. Да беше лесно, воопшто немаше да има потреба колектив како нашиот да постои. Затоа, цело ова искуство служи како еден убав потсетник за тоа зошто постоиме и дека има многу од нас на коишто многу им значи да учествуваат во создавање на нови сеќавања и културно самосфаќање.

