Германија и Франција се здружија против економскиот притисок на Кина

Двајцата лидери разговараа и за заедничко нуклеарно одвраќање, откако Вашингтон најави намалување на одбранбените обврски во Европа.
Фото: EPA/FRIEDEMANN VOGEL

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон се обврзаа да ја продлабочат одбранбената соработка меѓу Германија и Франција и заеднички да се спротивстават на економската конкуренција од Кина. Двајцата лидери се сретнаа во рамки на редовните заеднички седници на владите на двете земји, обидувајќи се да ги надминат напнатостите настанати порано оваа година поради пропаѓањето на заедничкиот проект за борбен авион.

На заедничка прес-конференција, двајцата лидери го претставија списокот со цели, меѓу кои противракетна одбрана и ракетни системи со долг дострел. „Правиме сè што е потребно за да ја заштитиме нашата слобода, безбедност и колективна одбрана”, рече Мерц.

Мерц и Макрон ја критикуваа Кина, тврдејќи дека таа не ги почитува правилата на меѓународната трговија бидејќи на својата индустрија ѝ дава најмалку осум пати поголема државна поддршка од земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пренесе Ројтерс.

„Никако не сме противници на Кина, ниту во дипломатијата ниту во економијата, но реално гледаме на работите”, рече Макрон. „Европа бележи трговски дефицит со Кина од милијарда евра дневно“, нагласи францускиот претседател.

Двајцата лидери изнесоа и предлози за соработка во областа на нуклеарното одвраќање, по сè појасните сигнали од Вашингтон дека САД ќе ги намалат своите одбранбени обврски во Европа. „Применуваме пристап чекор по чекор кој на крајот би можел да резултира со нова доктрина, но рано е да зборуваме за тоа денес”, рече Мерц.

Макрон, пак, јасно даде до знаење дека Франција ќе ја задржи целосната одговорност за финансирање на сопствената нуклеарна програма. На прашање дали Франција разгледува можност Германија да ја кофинансира програмата, тој одговори: „Финансирањето на француската нуклеарна програма секогаш ќе го обезбедува самата Франција”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс