Search

Геј пар од Хрватска номиниран за згрижувачки родители на годината

Иво Шегота и Младен Кожиќ, првите истополови сопружници, по макотрпна судска битка успеаја да се здобијат со статус на згрижувачки родители и пред три години посвоија две деца со пречки во развојот, а сега се номинирани за згрижувачки родители на годината.

Нив ги предложи стручниот тим на загребскиот дом за деца, кој истакна дека се едно од најдобрите згрижувачки семејства со кои соработува овој најголем дом во Хрватска. Од самиот почеток, нивната посветеност и грижата за децата неофицијално ја истакнуваат експерти од центрите и институциите за социјална заштита, а сега оваа оценка доби и официјален статус.

„Чест ни е што сме меѓу номинираните за годишната награда. Посебно ни е задоволство што номинацијата доаѓа од стручната служба на Детскиот дом во Назорова, која го следи развојот на децата во нашето згрижувачко семејство и која заедно со нас се гордее со успехот што децата го постигнуваат. Ова е всушност номинација која го слави детскиот дух, детската упорност и семејното заедништво. Сигурни сме дека меѓу сите 2.400 згрижувачки семејства постојат многу родители кои, исто така ја заслужуваат наградата и се надеваме дека одбележувањето на Националниот ден на згрижувањето 31 мај ќе ги поттикне новите семејства да се приклучат на заедницата на згрижувачки семејства“, вели Младен Кожиќ.

Кожиќ и Шегота уште во 2017 година поднеле барање за статус на згрижувачки родител до надлежниот Центар за социјални работи. Центарот ги прими нивните барање, почна стандардна процедура, ги помина сите пропишани проверки и добија позитивно мислење дека се погодни за згрижување, по што требаше да следи задолжителна едукација и добивање лиценца. Но, наместо тоа, Центарот наеднаш ги известил дека „нема законски предуслови за отпочнување на постапка за издавање лиценца, бидејќи се во животно партнерство“, а животните партнери не се експлицитно наведени како можни посвоители во Законот за посвојување. Започна мачна административна и судска битка, сè до Уставниот суд, кој наложи судовите и другите надлежни органи да се обврзат да им овозможат на истополовите парови да се вклучат во згрижувањето под исти услови како и сите други.

Сопружниците Шегота и Кожиќ покрај добивањето лиценца за згрижувачки родители ја поминале и оцената за посвоители и биле запишани во Регистарот на посвоители, каде што не се единствениот истополов пар. Сепак, иако Вишиот управен суд минатата година донесе одлука според која истополовите парови мора да можат да бидат потенцијални посвоители и не смеат да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација, во пракса сè уште сингл геј не може да посвои дете.

Наградите за згрижувачки родители на годината ги доделува министерот за социјална политика, Марин Пилетиќ, на 31 мај – Националниот ден на згрижувачите. Тој ќе додели една награда за животно дело која се состои од повелба и паричен износ од 1.327 евра и три Годишни награди од по 664 евра.

Годинава, според Министерството имало три иницијативи за доделување на наградата за животно дело и 12 иницијативи за доделување на Годишната награда.

Најново

Последни колумни