Фондот за здравствено осигурување најавува нова реформа со која малолетните лица до 18 години би добиле независно здравствено осигурување.
Од ФЗО информираат дека во тек е анализа за воспоставување вакво решение за оваа категорија граѓани, во соработка со УНИЦЕФ и со надлежните институции.
Како што посочуваат од Фондот, целта е да се обезбеди континуирана и сигурна здравствена заштита за сите деца, без оглед на статусот на нивните родители или на семејната состојба.
Покрај оваа мерка, институциите работат и на уште две реформи во системот на здравствено осигурување. Работна група составена од Фондот, Министерството за финансии, Министерството за здравство и Управата за јавни приходи ги разгледува критериумите за лицата што не остваруваат приходи, со посебен фокус на оние кои останале без работа и на лицата со непријавени приходи.
Во завршна фаза е и подготовката на ново законско решение од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое треба да ги опфати лицата ангажирани во флексибилни форми на работа.
Од ФЗО велат дека овие реформи имаат цел да создадат пофер и поинклузивен систем, кој ќе одговори на современите предизвици и ќе обезбеди еднаков пристап до здравствена заштита за сите граѓани, со посебна грижа за најмладите.