Песните на Слаткаристика добиваат оркестарски звук за филмот „Слушни ме“

Млади европски инструменталисти во студиото FAME’S во Скопје снимаат филмска музика за документарецот посветен на борбата со пелтечењето.

 Во студиото FAME’S во Скопје се снима оригиналната музика за „Слушни ме“, музички  документарен филм за Марко Маринковиќ – Слаткаристика и неговиот личен пат со  пелтечењето. 

 Музиката за филмот, на кој поголем дел е автор Лазар Цветковски, ја изведува оркестар  составен од млади музичари од различни европски земји и пошироко, учесници на  Институтот FAME’S. Институтот е основан во 2021 година од страна на FAME’S ДОО, една од  водечките европски компании за оркестарски снимања за филмската, телевизиската и  гејминг-индустријата. Институтот им овозможува на млади класични музичари од цела  Европа да посетуваат мастеркласови со реномирани интернационални музичари, ментори  и диригенти. Нивната мисија е да го модернизираат класичното музичко образование  преку негово поврзување со актуелните индустриски трендови и современите музички  жанрови, со фокус на напредни студиски техники, истовремено поттикнувајќи соработка во  културниот и образовниот сектор. 

 На снимањето присуствуваше и Марко Маринковиќ – Слаткаристика кој го следеше целиот  процес на создавање. „Пресреќен сум што имам можност своите песни да ги слушнам  во една ваква оркестарска изведба. За мене ова е навистина посебен момент –  музиката што е дел од мојата приказна добива нов живот, нова емоција и поинаква  сила“, изјави тој. 

 Снимањето се реализира во рамките на соработката меѓу Продукциската куќа на филмот  и Институтот, преку проектот „Европски креативен оркестарски програм за квалификувани  млади“, поддржан од програмата „Креативна Европа“, Министерството за култура на  Република Македонија и FAME’S ДОО. Младите музичари, како дел од Семинар 14 и курсот  Hybrid Music Orchestral Course, добиваат можност да учествуваат во современа филмско-музичка продукција и да стекнат практично искуство во професионално студиско снимање. 

„Институтот FAME’S е простор во кој младите европски музичари учат преку  реален професионален процес. Кога музика напишана за филм ќе дојде во студио,  композицијата, оркестрациите и партитурите за првпат добиваат целосен живот  преку оркестарската изведба. Особено ни е значајно што едно вакво светски  признаено студио функционира во Скопје и што сме дел од создавањето на  оригинална музика за македонски филм со силна општествена и инклузивна порака“,  изјави Стефан Ношпал од FAME’S. 

 FAME’S за потребите на снимањето обезбеди професионално студио, простории за проби,  оркестар, диригент, тон-мајстор и целосна техничка опрема. Ваквиот процес им  овозможува на младите музичари да се запознаат со сите фази на создавањето филмска  музика, од подготовката на партитурите и оркестарските проби до финалното студиско  снимање. 

 Филмот „Слушни ме“ го следи патот на Марко Маринковиќ – Слаткаристика, од  несигурностите во детството до создавањето автентичен глас кој денес инспирира  многумина. Преку лични сведоштва, музика, работилници со деца и играни сегменти од  неговиот живот, филмот зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите,  храброста, упорноста и силата на уметноста. 

 Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценарист е Кристина Ризоска, а филмот е  создаден според идеја и вистинита приказна на Марко Маринковиќ – Слаткаристика.  „Слушни ме“ е во копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп, а неговата  премиера се очекува на почетокот на 2027 година. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс