ФИФА предлага развоен фонд од 5,5 милијарди евра и покрај истрагите против Инфантино

Предлогот доаѓа во момент кога челниците на европскиот фудбал бараат противкандидат за да го симнат Џани Инфантино од претседателската функција во светската куќа на фудбалот.
Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

ФИФА ќе им предложи на своите членки четиригодишен развоен фонд во вредност од 6,35 милијарди долари (5,5 милијарди евра), кој предвидува по 25 милиони долари (21,5 милиони евра) за секој национален фудбалски сојуз, јавува новинската агенција „Асошиејтед прес“ (AP).

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на 28 септември го испратил предлогот до челниците на шесте континентални конфедерации. Се очекува планот да биде финализиран од Советот на ФИФА во декември, а потоа и официјално усвоен на Конгресот во март, според писмото во кое увид имала агенцијата АП.

„Гледано заедно, вашите предлози потврдуваат широка согласност околу централната цел: финансискиот успех на ФИФА мора да му служи на фудбалот и на сите 211 национални сојузи членки на ФИФА“, вели Инфантино во писмото.

„Уверен сум дека заедно можеме да постигнеме одржлив и соодветно поддржан резултат за сојузите членки на ФИФА и за фудбалот во секој дел од светот.“

ФИФА планира да ги реинвестира приходите од последното Светско првенство во развојот на фудбалот низ сите сојузи членки, конфедерации и останати чинители. Првично беше предвидено секој сојуз да добие по 10 милиони долари (8,6 милиони евра) за период од четири години.

ФИФА планира да распредели повеќе од 3,5 милијарди долари (3 милијарди евра) директно од финансиските резерви, кои беа зголемени благодарение на успехот на Светското првенство со 48 репрезентации, откриваат двајца функционери кои зборуваа под услов на анонимност бидејќи предлогот сè уште не е јавно објавен.

Светската куќа на фудбалот очекува околу 15 милијарди долари (12,9 милијарди евра) приход за циклусот 2022–2026 година, вклучително и од машкото Светско првенство чии домаќини беа САД, Канада и Мексико, што значително ги надмина првичните проекции, изјавија функционерите за АП.

Во август, УЕФА објави дека подготвува кривична пријава против Инфантино во Швајцарија поради можно финансиско лошо управување поврзано со договор за комерцијалните права на Светското првенство. УЕФА исто така побара одобрение од суд во САД за прибирање докази.

Педесет и петте сојузи членки на УЕФА претставуваат повеќе од една четвртина од вкупно 211 членови со право на глас во ФИФА пред претседателските избори zakazani за 18 март во Рабат, Мароко.

Минатиот месец Инфантино, кој раководи со ФИФА од 2016 година и бара нов мандат следната година, изрази подготвеност за независна ревизија на управувањето на организацијата и можни внатрешни реформи.


Кандидатите што сакаат да му излезат на мегдан на Инфантино и да го предизвикаат на изборите мора официјално да влезат во трката најдоцна до 18 ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс