„Езерани“, последното засолниште за стотици видови животни

Во време кога климатските промени сè поочигледно го менуваат лицето на Преспа, иднината на Езерани ќе зависи токму од тоа дали науката, локалната заедница и институциите ќе успеат да дејствуваат заедно
Angel Angelovski photo

На северниот брег на Преспанското Езеро се наоѓа едно од највредните природни подрачја во Македонија – Паркот на природата Езерани. Ова влажно живеалиште не е само засолниште за стотици растителни и животински видови, туку и природен филтер што го одржува животот на целото езеро. Но, климатските промени и човечките активности сè повеќе го ставаат под притисок.

„Огромно е значењето на Езерани за биодиверзитетот. Всушност, сите природни региони се важни, но Езерани можеме да го издвоиме како особено важно живеалиште бидејќи се карактеризира со голем процент на влажни живеалишта, блата и заблатени делови. Таквите живеалишта денес се голема реткост“, вели Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Влажно живеалиште што не личи на ниту едно друго

Езерани претставува природен премин меѓу копното и Преспанското Езеро. Дел од површините се постојано под вода, други се поплавуваат само во одредени периоди од годината. Токму оваа динамика создава услови што не можат да се најдат на друго место.

„Некои животни и растенија го бараат токму ова. Има водоземци кои се размножуваат во пролет кога деловите се поплавени, а потоа е потребно тие да се исушат за да не навлезе риба која следната година би го изела подмладокот. Тоа покажува колку е специфично Езерани и зошто мораме да го заштитиме“, објаснува Арсовски.

Поради тоа, Езерани е дом на бројни видови водоземци, меѓу кои и мрморци, како и на десетици видови водни птици што се хранат, гнездат и одмораат во трските.

Токму богатството со птици било главната причина подрачјето во 1996 година да биде прогласено за строг природен резерват.

Климатските промени веќе се гледаат

Преспанското Езеро со години го губи своето водно ниво, а последиците најсилно се чувствуваат токму во Езерани.

„Преспанското Езеро на некој начин е лицето на климатските промени во Македонија. А Езерани е лицето на тие промени во едно влажно живеалиште“, вели Арсовски.

Тој предупредува дека сè пократките периоди на поплавување можат целосно да го нарушат животниот циклус на многу видови.

„Ако поплавувањето трае пократко, некои животни нема да имаат доволно време да го завршат својот репродуктивен циклус. Во години со голема суша може целосно да изостане подмладокот кај одредени видови и тоа може да биде катастрофално.“

Оваа година, сепак, донела малку оптимизам.

„Оваа пролет беше многу повлажна. Кога работевме во Езерани, видовме многу повеќе поплавени површини и многу повеќе живот. Дури и малку повеќе влажност е доволна природата нагло да почне да се обновува. Но, се плашиме дека тоа е исклучок, а не правило.“

Човекот е и проблем – и решение

Освен климатските промени, сериозен притисок претставуваат и земјоделството, пренамената на земјиштето и другите човечки активности.

„Гледаме како природните површини континуирано се претвораат во земјоделски. Наместо поплавени живеалишта полни со птици и водоземци, добиваме монокултури – најчесто јаболкови насади.“

Но, Арсовски нагласува дека решението не е човекот да се оттурне од природата.

„Не е поентата човекот да не биде таму. Напротив. Човекот и природата со векови живееле заедно во Преспа. Треба само да најдеме поодржливи начини за користење на просторот.“

„Езерани е бубрегот на Преспанското Езеро“

Една од најсилните споредби што ја користи Арсовски е улогата на Езерани во функционирањето на езерскиот екосистем.

„Големите влажни живеалишта се бубрезите на нашите природни езера. Езерани е еден голем бубрег – можеби малку болен, кој ја прочистува водата пред таа да влезе во Преспанското Езеро.“

Таа прочистена вода, објаснува тој, овозможува подобри услови за размножување на рибите, а истовремено ја збогатува и околната почва.

Angel Angelovski photo

Како МЕД го обновува Езерани

Македонското еколошко друштво работи во Преспанскиот регион уште од осумдесеттите години. Денес спроведува континуиран мониторинг на водните птици, водоземците, растенијата и другите видови, но и конкретни активности за обновување на живеалиштата. Меѓу нив се обновување на крајбрежните шуми, собирање локално семе, засадување нови садници и одржување на влажните ливади преку косење.

„Кога ќе се искосат влажните ливади, хранливите материи не се враќаат во езерото и не го забрзуваат неговото стареење. Воедно, се создаваат и природни појаси што можат да го запрат ширењето на пожарите.“

Искосената трева не се фрла, таа им се донира на локалните сточари и на Националниот парк „Галичица“, каде служи како храна за елените во репроцентарот.

Angel Angelovski photo

Без локалната заедница нема долгорочна заштита

Арсовски смета дека најважниот дел од заштитата е вклучувањето на луѓето што живеат во Преспа.

„Кога ќе понудите решение што носи корист и за природата и за локалното население, тогаш може да се постигне одржливост. Но, навиките не се градат за една или две години. Потребни се години континуирана работа.“

Затоа МЕД редовно организира теренски посети со ученици од локалните училишта.

„Сакаме децата од прва рака да видат како изгледа научноистражувачката работа. Се надеваме дека барем едно од тие деца за десет години ќе биде следниот научник или човек што ќе го штити Езерани.“

Во време кога климатските промени сè поочигледно го менуваат лицето на Преспа, иднината на Езерани ќе зависи токму од тоа дали науката, локалната заедница и институциите ќе успеат да дејствуваат заедно – пред „бубрегот“ на езерото да стане неповратно болен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс