Бургас ќе биде домаќин на 71-то издание на „Евровизија“, откако во завршниот круг од изборот ја доби трката со Софија. Најголемиот музичко-телевизиски настан во Европа ќе се одржи во мај 2027 година.
Одлуката ја соопштија Бугарската национална телевизија (БНТ) и Европската радиодифузна унија (ЕБУ), по завршувањето на анализата на двете финални кандидатури.
При изборот биле оценувани техничките услови на салите, транспортната поврзаност, сместувачките капацитети, безбедноста и можноста градот да прими десетици илјади посетители, делегации и новинари.
Бугарија за првпат ќе биде домаќин на „Евровизија“, откако Дара победи на овогодишното издание со песната „Бангаринга“.
Изборот на Бургас сега отвора голем организациски процес. Покрај главната сала, градот ќе треба да обезбеди и повеќе дополнителни локации што се дел од евровизискиот формат.
Меѓу нив се Евроклубот, каде што традиционално се организираат забави, концерти и средби на делегациите, Евроселото со јавни преноси и музичка програма, како и Еврокафето наменето за фановите на натпреварот.
Во Бургас ќе се одржи и традиционалната церемонија на Тиркизниот килим, со која официјално започнува евровизиската недела и на која пред јавноста и медиумите се претставуваат учесниците и делегациите.
Точните датуми за „Евровизија 2027“ сè уште не се утврдени. Организаторите треба да го усогласат терминот со големите спортски настани во Европа и со локалната организација во Бургас.
Според досегашниот организациски план, демонтажата на сцената и опремата е предвидена од 18 до 24 мај 2027 година. Тоа упатува дека големото финале најверојатно ќе се одржи во третата недела од мај.