Европскиот парламент започнува постапка која може да доведе до укинување на статусот на европска политичка партија за „Europe of Sovereign Nations“ (ESN), десничарска групација во која членува и „Alternative for Germany“ (AfD).
Доколку се утврди дека ESN не ги почитува основните вредности на Европската Унија, партијата може да биде избришана од регистарот на европски политички партии и да го изгуби пристапот до европско финансирање.
Поддршка од повеќето политички групи
Повеќе од 180 европратеници побарале активирање на механизам за проверка, кој го спроведува телото за европски политички партии и фондации (APPF). Тоа тело треба да утврди дали ESN ги прекршува вредностите на ЕУ.
Според информации од Европскиот парламент, најголемите политички групи – Европската народна партија, Социјалистите и демократите и Renew Europe – ја поддржуваат постапката, што значи дека иницијативата најверојатно ќе биде усвоена на гласањето во Стразбур следната недела.
Обвинувања за кршење на европските вредности
ESN е основана во 2024 година од осум десничарски партии, меѓу кои и AfD, полската Конфедерација и француската Reconquête. Таа е одделна правна структура од парламентарната група ESN во Европскиот парламент. Во извештај на APPF се наведуваат можни прекршувања на европските вредности, вклучително антисемитска, анти-ЛГБТ и анти-мигрантска реторика, како и контроверзни политички ставови и изјави на членови на партијата.
Исто така се споменуваат судски одлуки и инциденти поврзани со некои членки на ESN, кои, според документот, може да укажуваат на несогласност со принципите на човеково достоинство, слобода и владеење на правото.
Реакција од ESN
Од ESN ги отфрлаат обвинувањата, наведувајќи дека се работи за политички мотивирана постапка. „Слободата на говор е основна европска вредност. Политичките несогласувања треба да се решаваат преку дебата, а не преку санкции“, соопшти портпарол на партијата.
Доколку Европскиот парламент ја потврди иницијативата, APPF ќе ја спроведе проценката и ќе донесе одлука дали ESN ќе биде избришана од регистарот на европски партии. Конечната одлука може дополнително да биде предмет на одобрување или поништување од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.