Европската земја без војска и речиси без криминал: Животниот век е 83 години, а стандардот е меѓу најдобрите

Андора е една од најбезбедните и најбогати земји во Европа, со висок животен стандард, ниски даноци и просечен животен век над 83 години.

Кога се зборува за висок животен стандард и мирен живот, ретко кој прво помислува на Андора. Оваа мала држава сместена во срцето на Пиринеите, меѓу Франција и Шпанија, важи за една од најбезбедните и најбогати земји во Европа. Иако има површина од само 468 квадратни километри, Андора со години е во светскиот врв според квалитетот на живот и животниот век на населението.

Андора официјално нема професионална војска, а за нејзината одбрана историски се грижат Франција и Шпанија. Во земјата владее исклучително ниска стапка на криминал, па улични кражби, џепарење и насилство речиси и да не постојат. Според локалните статистики, убиства се случуваат многу ретко, а најголем дел од полициските случаи се поврзани со финансиски криминал и шверц.

Државата има околу 85.000 жители и само еден затвор, кој најчесто е полупразен. Интересно е што поголемиот дел од затворениците се странци. Токму затоа Андора често се споменува како една од најсигурните земји за живот и туризам во Европа.

Покрај безбедноста, Андора е позната и по одличниот животен стандард. Данокот на додадена вредност изнесува само 4,5 проценти, што е меѓу најниските во Европа. Иако порано важеше за даночен рај, земјата денес има ограничени даноци на приходи и компании, што и понатаму ја прави привлечна за бизнис и инвестиции.

Просечниот животен век во Андора е над 83 години, а здравствениот систем се смета за еден од најефикасните во светот. Сепак, животот таму не е евтин. Цените на недвижностите и кириите се многу високи поради ограничениот простор меѓу планините.

Главниот град Андора ла Вела е познат по шопингот, историското јадро и статусот на бесцаринска зона, поради што туристите често доаѓаат за купување техника, парфеми и луксузни производи по пониски цени. Во земјата се наоѓа и познатиот термален комплекс Caldea, како и бројни скијачки центри кои во зима привлекуваат посетители од целиот свет.

Во текот на летото, Андора станува рај за љубителите на планинарење, велосипедизам и природа, а живописните камени села и средновековните цркви дополнително ја прават оваа мала држава една од најинтересните туристички дестинации во Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс