Европа се подготвува за нова трговска конфронтација со Доналд Трамп, откако неговите закани за зголемување на царините за европските автомобили повторно ги разнишаа односите меѓу Европска унија и САД.
Според анализата на порталот Politico, најновите потези на Трамп ги туркаат преговорите околу трансатлантскиот трговски договор кон нов конфликт. Европскиот парламент, земјите членки и Европската комисија треба да одржат состанок во среда со цел усогласување на ставовите, но тензиите се сè поголеми.
Договорот, постигнат во Шкотска во голф-одморалиштето „Turnberry“, веќе подолго време е предмет на политички несогласувања во ЕУ. Дел од земјите членки, предводени од Германија, инсистираат на негово спроведување, додека дел од европратениците сметаат дека не може да се верува на американската страна.
Европратениците предупредуваат дека новата закана од 25% царини за автомобилите ја потврдува нивната позиција дека договорот е нестабилен и ризичен. Дел од пратениците бараат дополнителни заштитни механизми, па дури и одложување или замрзнување на договорот.
Во меѓувреме, преговорите меѓу еврокомесарот за трговија Маро Шефчович и американскиот трговски претставник не донеле напредок, а според извори, САД не се откажуваат од заканата за нови царини.
Напнатоста дополнително се зголемува и поради политичките потези на Трамп, вклучително и најави за повлекување на американски војници од Германија, што во Брисел се гледа како дополнителен притисок врз ЕУ.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ останува посветена на договорот, но дека и САД мора да ги испочитуваат своите обврски.
Во Европскиот парламент се појавуваат длабоки поделби, едни бараат брзо спроведување на договорот за да се избегне економска неизвесност, додека други предупредуваат дека брзањето може да ја ослаби позицијата на Европа.
Аналитичарите предупредуваат дека ова не е само економско прашање, туку и политички тест за довербата меѓу Европа и САД, која сè повеќе се доведува во прашање.