Во Европа расте загриженоста дека војната во Украина би можела да се прошири надвор од украинската територија. Во фокусот е можноста Русија да го тестира НАТО преку ограничени воени акции, саботажи, сајбернапади или напади со дронови, пишува CNN. Загриженоста дополнително ја зголемија воените вежби на Белорусија, најблискиот воен сојузник на Русија, во близина на коридорот Сувалки – тесниот појас меѓу Полска и Литванија што ги поврзува балтичките земји со остатокот од територијата на НАТО.
Францускиот претседател Емануел Макрон најави нови мерки за заштита на критичната инфраструктура од руски хибридни напади. Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Русија би можела да изведе напади со дронови или ракети врз земји членки на НАТО и потоа да се обиде да ги претстави како несреќи.
Во Велика Британија, властите ги повикаа граѓаните да имаат резерви од храна и вода, додека началникот на одбраната предупреди дека земјата се соочува со едно од најопасните периоди во последните децении. Германија, пак, ги подготвува болниците за можноста од воен напад, додека и неутрална Швајцарија усвои нова стратегија за национална безбедност.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп најави напредок кон воспоставување постојана американска воена база во Полска. Пред две недели, тој го испрати директорот на ЦИА во Москва со предупредување да не се напаѓа територијата на НАТО. Според CNN, сите овие потези покажуваат дека земјите од двете страни на Атлантикот се загрижени дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да се обиде да ја прошири војната надвор од Украина.
Русија веќе го шири бојното поле?
САД оваа недела добија дополнителен увид во потенцијалната закана. Американските федерални обвинители поднесоа обвиненија против пет лица за кои тврдат дека соработувале со руската разузнавачка служба. Тие се обвинети дека планирале напади и убиства во различни делови на светот, вклучително и во САД, како и дека нарачувале напади врз цивилна и воена инфраструктура во европски земји.
Случајот е дел од поширок образец со кој Европа се соочува веќе со години сајбернапади, саботажи, подметнување пожари и инциденти со дронови. Минатиот месец Германија ја обвини Русија за напад со дрон врз цивилен аеродром. Токму ова е еден од најголемите стратешки предизвици за НАТО. Таквите операции може да се изведуваат без јасно преминување на границата што би значела почеток на конвенционална војна.
Дрон што навлегува во воздушниот простор на НАТО, нарушување на работата на аеродром или саботажа на инфраструктура може да се третира како операција во таканаречената „сива зона“. Таквите дејства се доволно сериозни за да создадат нестабилност, но и доволно двосмислени за сторителот да може да ги негира.
Токму оваа нејасна граница може да биде искористена за тестирање на единството на НАТО.
Зошто коридорот Сувалки е толку важен?
Коридорот Сувалки се протега околу сто километри долж границата меѓу Полска и Литванија. Тој претставува единствената копнена врска меѓу балтичките држави и остатокот од НАТО. Затоа тој има особено стратешко значење.
Еден од сценаријата што се разгледуваат е криза во која Русија, евентуално со поддршка од Белорусија, би испратила сили во дел од коридорот. Тоа не мора да изгледа како класична инвазија со тенкови во Полска. Ограничен упад би можел да биде претставен како изолиран потег, додека паралелно би се испраќале пораки дека секоја реакција на НАТО може да доведе до опасна ескалација, вклучително и нуклеарна.
Целта на таквиот потег не би била само контролата врз дел од територијата. Станува збор и за тестирање на целиот систем на колективна одбрана на НАТО. Клучното прашање би било дали сите членки на Алијансата би се согласиле на воен одговор за повторно воспоставување на контролата врз коридорот.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, беше прашан за вакво сценарио. Тој изјави дека Алијансата редовно вежба за слични ситуации и дека одговорот би бил силен. Но, политичката неизвесност околу односите меѓу Вашингтон и дел од европските