Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја брануваше европската јавност со најавата дека земјата ги укинува трите дена „грејс период“ во кои работниците можеа да прележат настинка дома без лекарска белешка. Со цел да ја заживее економијата и да ја зголеми продуктивноста, Берлин воведува правило со кое оправдание од лекар ќе се бара уште од првиот ден. Овој потег го отвори прашањето какви се правилата во остатокот од Европа и колку пари добиваат работниците додека се на болнички денови.
Кога станува збор за рокот за поднесување лекарска белешка, Европа е поделена на екстреми. Покрај новата најава за Германија, Унгарија веќе одамна применува строг систем каде за секое отсуство од работа е неопходно оправдание веднаш од првиот ден. Од друга страна, во Франција и Италија стандардот е пофлексибилен и работникот има рок од 48 часа да ја достави документацијата од матичниот лекар до работодавачот. Најлабави правила има во Шведска, каде белешка се бара дури по осмиот ден, при што не мора ниту да се наведе специфичната болест, како и во Велика Британија, каде работниците можат да отсуствуваат дури 7 дена по ред без никакво оправдание од доктор. Ваквата флексибилност на Островот главно се оправдува со желбата да се растовари државното здравство од непотребни посети за лесни настинки.
Разликите во сумите што легнуваат на сметката на вработените за време на боледување се исто така зачудувачки. Германија, и покрај стегањето на контролата, останува на самиот врв по дарежливост бидејќи работниците таму примаат 100% од својата полна плата во првите шест недели од боледувањето. Слично е и во Полска, каде исплатата изнесува 80% од првиот ден, или полни 100% ако се работи за повреда на работно место, иако Варшава сега воведува заделжителни медицински контроли по 14-тиот ден за да ги спречи злоупотребите. Во Шведска пак, системот покрива 80% од платата во првите две недели, по што грижата ја презема државната агенција за социјално осигурување.
Во земјите од Медитеранот, приказната добива поинаква економска димензија. Во Шпанија првите три дена од боледувањето не се платени воопшто, потоа се добива 60% во првиот месец, а сумата расте на 75% дури по 20-тиот ден. Во Италија, исплатата зависи од колективниот договор за првите три дена, а потоа изнесува околу 50% од платата, со исклучок на угостителскиот сектор каде се покриваат поинакви 80%. Во Франција, државното социјално осигурување покрива само половина од дневната основица, но таму работодавачите со внатрешни договори многу често ја доплаќаат разликата до полна плата.
На самото дно во Европа се наоѓа Велика Британија, која нуди парадоксален систем. Иако Британците имаат огромна слобода и не бараат медицински белешки цела недела, нивното законски гарантирано минимално боледување изнесува мизерни 123 фунти, односно околу 144 евра неделно. Доколку фирмата самата не одлучи да ја дополни оваа сума преку внатрешен договор, разболувањето во Велика Британија буквално значи финансиски удар по џебот. Сепак, дури и со ваквите драстични разлики, европската социјална мрежа е вистински рај во споредба со САД, каде помалку од половината сојузни држави воопшто имаат некакви закони кои гарантираат платено боледување.