ЕУ воведува нова забрана во рестораните: Кечапот и мајонезот повеќе нема да се служат во мали пакувања

Од август 2026 година рестораните и кафулињата во ЕУ нема да смеат да користат еднократни пакувања за кечап, мајонез, шеќер и други додатоци, со цел намалување на пластичниот отпад.
Фото: www.Pixel.la Free Stock Photos, CC0, via Wikimedia Commons

Од август 2026 година, рестораните, кафулињата и баровите низ Европската Унија ќе мора да воведат нов начин на послужување на додатоците за храна. Според новата регулатива, ќе биде забранета употребата на еднократни пакувања за кечап, мајонез, шеќер, џемови, павлака за кафе и слични производи.

Мерката е дел од пошироката европска стратегија за намалување на пластичниот отпад и поттикнување на поодржливи практики во угостителството. Наместо индивидуални пакувања, објектите ќе треба да користат дозери или садови за повеќекратна употреба од кои гостите самостојно ќе ги земаат потребните додатоци.

Сепак, регулативата предвидува и исклучоци. Забраната нема да важи за храна наменета за носење и непосредна консумација, како и за установи каде што ваквите пакувања се неопходни од здравствени и хигиенски причини, како болници и домови за стари лица.

Новите правила предизвикаа поделени реакции кај граѓаните. Дел од јавноста ја поздравува одлуката како важен чекор кон намалување на отпадот и заштита на животната средина. Други, пак, сметаат дека враќањето на заеднички дозери може да отвори прашања поврзани со хигиената и практичноста.

Критичарите потсетуваат дека во минатото големите шишиња со сосови биле заменети со индивидуални пакувања токму поради санитарни стандарди. Според нив, останува да се види дали новото решение ќе успее да ги исполни и еколошките и хигиенските очекувања на потрошувачите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс