ЕУ подготвува нов пакет санкции против Русија: цел се банките, нафтата и воената индустрија

Европската Унија подготвува нов пакет санкции против Русија, насочен кон банки, нафта, криптооператори, производители на оружје и компании што ја поддржуваат руската воена економија.

Европската Унија подготвува 21. пакет санкции против Русија, насочен кон дополнително слабеење на руската воена економија и ограничување на приходите со кои Москва ја финансира војната против Украина.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, објави дека новиот пакет ќе опфати банки, производители на оружје, трговци со нафта, рафинерии и криптооператори во трети земји.

„Цигла по цигла ги уриваме темелите на руската воена економија“, порача Калас на социјалната мрежа X.

Според најавите, пакетот предвидува најголем број нови санкционирани лица и субјекти во последните повеќе од две години, со повеќе од 170 предлози, особено во финансискиот сектор.

ЕУ планира да ја замрзне имотната состојба на речиси 90 банки и да воведе дополнителни забрани за трансакции за повеќе од 30 банки во Русија и во други трети земји. Според Reuters, мерките ќе бидат насочени и кон околу десетина криптоплатформи за кои се смета дека помагаат во заобиколување на санкциите.

Еден од главните фокуси останува енергетскиот сектор, бидејќи продажбата на енергенси и натаму е клучен извор на приходи за руската воена машина. ЕУ најавува привремено замрзнување на горната граница на цената на руската нафта, нови ограничувања за препродажба на LNG танкери кон Русија и продолжување на мерките против таканаречената руска „флота во сенка“.

Новиот пакет ќе ги таргетира и компаниите што го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс. Меѓу најавените мерки се санкции за повеќе од 30 субјекти поврзани со производство на дронови, како и нови контроли на извозот за 50 компании, меѓу кои и субјекти со седиште во Кина и Турција.

Калас најави и целосна забрана за издавање визи за поранешни и актуелни припадници на руските вооружени сили и нивните посреднички групи.

„Вратите на Европа не треба да бидат отворени за поранешни и сегашни руски борци“, порача Калас.

Со новиот пакет санкции, Брисел се обидува да го засили притисокот врз Москва преку истовремено ограничување на финансиските канали, приходите од енергенси, военото производство и мрежите за заобиколување на санкциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс