Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург предлагаат Европската Унија да разгледа можност за привремено ограничување на дел од гласачките права на идните нови членки.
Предлогот доаѓа во пресрет на можното проширување на Унијата со Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора, објави Ројтерс, повикувајќи се на заеднички документ на петте земји.
Во документот се наведува дека ЕУ треба да воведе посилни механизми за заштита на владеењето на правото, демократијата и слободата на медиумите кај идните членки.
Според предлогот, ограничувањата би биле привремени и транзициски, а би се однесувале на области во кои во моментов е потребен консензус од сите земји-членки. Тоа би можело да вклучи одлуки за проширување, надворешна политика и буџетот на ЕУ.
„ЕУ треба темелно да разговара за можноста за привремени, транзициски ограничувања на гласачките права на новите земји-членки, особено во делови од европското законодавство каде што е потребен консензус“, се наведува во документот.
Дискусијата се отвора во период кога Црна Гора се надева на членство до 2028 година, додека Албанија, Украина и Молдавија настојуваат да напредуваат во пристапните преговори.
Меѓу земјите-членки постои загриженост дека идното проширување треба да биде придружено со посилни гаранции, особено по искуствата на ЕУ со назадување на демократските стандарди во некои постојни членки.
Петте држави предлагаат нов механизам за следење на состојбите и заштитна клаузула што би овозможила реакција доколку нова членка сериозно назадува во клучни области како владеење на правото, демократија или слобода на медиумите.
Во меѓувреме, во ЕУ продолжуваат подготовките за пристапните процеси на Украина и Молдавија, со посебен фокус на првиот пакет преговарачки поглавја поврзани со владеењето на правото и демократските стандарди.