Екстремните горештини го отежнуваат производството на пармезан во Италија

Температурите над 40 степени го намалуваат производството на млеко и ги зголемуваат трошоците за ладење на фармите и магацините.

Екстремните летни горештини во Италија сè повеќе го погодуваат производството на познатиот пармезан „Пармиџано Реџано“. Високите температури го намалуваат производството на млеко, а истовремено ги зголемуваат трошоците за ладење на фармите и складиштата.

Најпогодена е регионот Емилија-Ромања, центарот на производството на овој сирењарски специјалитет, каде што температурите летово надминаа 40 степени Целзиусови.

Жештината влијае врз кравите, кои на високи температури помалку јадат и поминуваат повеќе време во мирување. Како резултат на тоа, производството на млеко може да се намали и до 10 проценти.

Производителите користат вентилатори и системи за распрскување вода за разладување на животните, но овие мерки ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија и производните трошоци.

Проблемите продолжуваат и во магацините, каде што пармезанот мора да зрее најмалку 12 месеци, а некои видови се чуваат и три години. За време на најинтензивните топлотни бранови, потрошувачката на енергија во два големи магацини се зголемила за околу 30 проценти.

Климатските промени дополнително го загрозуваат снабдувањето со храна за добитокот. Сушите и недостигот од врнежи можат да го намалат количеството трева и сено, кои според строгите правила мора да потекнуваат од подрачјето каде што се произведува сирењето.

Индустријата на „Пармиџано Реџано“ годишно остварува околу 4,5 милијарди евра приходи и значаен дел од производството го извезува. Сè почестите екстремни горештини, сепак, претставуваат нов предизвик за традиционалното производство на едно од најпознатите италијански сирења.

е-Трн да боцка во твојот инбокс