Астрономите за првпат добија можност во реално време да го снимаат целиот процес на експлозија на гигантска ѕвезда 30 пати поголема од Сонцето. Набљудувањето започна кога кинескиот вселенски телескоп „Ејнштајн проб“ забележа краткотраен бран рендгенски зраци. Овој феномен настанува при пробивање на ударниот бран од јадрото низ површината на ѕвездата, давајќи нов увид во раѓањето на супернова.
Сигналот регистриран во март годинава го означи почетокот на деталното набљудување. Траењето на ваквите рендгенски блесоци е исклучително кратко, поради што нивното фаќање бара исклучителна прецизност и среќа. Научниците објаснуваат дека истиот процес се случува при секоја експлозија на масивна ѕвезда, но поради неговата брзина, последен пат ваков настан беше уловен дури во 2008 година.
Современиот кинески инструмент успеа да ја детектира почетната фаза, а потоа астрономите со други опсерватории ја следеа експлозијата во следните фази. Брендан О’Конор, еден од астрономите во тимот, истакна дека фаќањето на ваков момент во реално време бара голема среќа, бидејќи ударниот бран минува низ површината за многу кратко време.
Снимените податоци овозможуваат подобро разбирање на механизмите што се случуваат во внатрешноста на масивните ѕвезди непосредно пред нивното колапсирање. Набљудувањата на сите фази од експлозијата ќе им помогнат на научниците да ги прецизираат моделите за еволуцијата на ѕвездите и за настанот што води до формирање црни дупки или неутронски ѕвезди.