Грција привремено ги ослободи британските државјани од биометриската регистрација при влез во земјата, па на аеродромите и пристаништата нема да мора да даваат отпечатоци од прсти ниту скенирање на лице, иако ЕЕС системот на Европската Унија официјално е во целосна примена од 10 април 2026 година.
Одлуката доаѓа во пресрет на летната туристичка сезона, во момент кога новиот систем за влез и излез веќе создаде долги редици и доцнења на повеќе европски гранични премини и аеродроми. Според објавеното, грчките власти се решиле на пофлексибилен пристап за британските патници за да го олеснат приливот на туристи и да избегнат дополнителен притисок врз инфраструктурата, особено на островските аеродроми.
Во објава на Амбасадата на Грција во Лондон, се наведува дека британските носители на пасоши се исклучени од биометриската регистрација на грчките гранични премини. Тоа практично значи дека за нив, барем засега, нема да важи процедурата што ЕЕС ја предвидува за повеќето државјани од земји надвор од ЕУ, а која вклучува внесување лични податоци, фотографија на лицето и отпечатоци од прсти.
Потегот е особено важен за грчкиот туризам, ако се има предвид дека Велика Британија е еден од најсилните пазари за оваа земја. Според податоците што ги пренесува Euronews, во 2025 година Грција ја посетиле 4,89 милиони туристи од Обединетото Кралство, а властите очигледно сакаат да спречат новите гранични правила да се претворат во причина за хаос, доцнења и незадоволство кај патниците уште на почетокот на сезоната.
Иако ЕЕС останува официјално на сила во 29 европски земји и го заменува печатирањето на пасошите со дигитална евиденција, грчкиот пример покажува дека дел од државите бараат попрагматични начини за примена на системот кога туристичкиот притисок е голем. Засега не е јасно дали сличен модел ќе применат и други медитерански земји, но сигналот од Атина е јасен: во екот на сезоната, брзиот влез за туристите станува исто толку важен колку и самите безбедносни процедури.