Американски инвестициски фонд сака да го преземе ЕasyJet, компанијата ја одби понудата

Британската нискобуџетна авиокомпанија easyJet одби понуда за преземање вредна околу 4,7 милијарди фунти од американскиот инвестициски фонд Castlelake. Од компанијата оценуваат дека понудата е „опортунистичка“ и не ја одразува вистинската вредност на авиопревозникот.
Dan Wright/pexels

Американскиот инвестициски фонд Castlelake јавно објави понуда за преземање на британската авиокомпанија easyJet во вредност од околу 4,74 милијарди фунти (6,3 милијарди долари), откако управниот одбор на компанијата ги одбил претходните предлози. 

Според објавените информации, Castlelake понудил 625 пени по акција, што претставува значителна премија во однос на вредноста на акциите пред да се појават шпекулациите за преземање. Сепак, easyJet смета дека понудата не ја рефлектира реалната вредност и идните перспективи на компанијата. 

Одборот на easyJet едногласно ја отфрлил и третата понуда на американскиот фонд, оценувајќи ја како „опортунистичка“, особено поради тоа што доаѓа во период кога цената на акциите е под притисок поради нестабилноста на пазарот, конфликтите на Блискиот Исток и повисоките трошоци за авионско гориво. 

Castlelake, кој управува со средства вредни повеќе од 38 милијарди долари и веќе поседува удел во easyJet, реши јавно да ја објави понудата за да им овозможи на акционерите самите да ја проценат нејзината вредност пред истекот на рокот за формална понуда на 26 јуни. 

За да ги исполни европските регулативи според кои авиокомпаниите мора да бидат мнозински во сопственост на државјани на Европската Унија, Castlelake предложил специјална структура во која 51 процент од компанијата би биле во рацете на европски партнери. Во проектот се вклучени и двајца искусни авијациски менаџери – поранешниот оперативен директор на easyJet, Питер Белју, и Марк Брин. 

Сепак, easyJet изразува сомнежи околу транспарентноста на предложената структура и предупредува дека постојат значајни регулаторни и финансиски предизвици поврзани со евентуално преземање. Компанијата нагласува дека останува финансиски стабилна, со силна позиција на европскиот пазар и уверување дека самостојно може да создаде долгорочна вредност за акционерите. 

easyJet е една од најголемите нискобуџетни авиокомпании во Европа и веќе подолго време се споменува како потенцијална цел за преземање поради својата мрежа на линии, слотовите на важни европски аеродроми и стабилната флота. Аналитичарите сметаат дека токму овие предности го привлекле интересот на американскиот инвестициски фонд. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс