На Sunny Hill Festival во Приштина оваа година ќе има и MindCheck Corner – простор посветен на менталното здравје, каде посетителите ќе можат да земат пауза, да побараат совет или едноставно да разговараат со стручно лице.
Иницијативата се реализира во соработка со Институтот за психологија при Универзитетот во Приштина, а целта е фестивалот да биде безбедно и инклузивно место за сите.
„Фестивалот треба да биде безбеден простор за секого“, порачуваат организаторите во својата објава, истакнувајќи дека MindCheck Corner е наменет за сите кои во текот на фестивалските денови ќе почувствуваат потреба од мирен момент, психолошка поддршка или разговор.
Во овој простор посетителите ќе можат да се поврзат со психолози, студенти по психологија и тимот на MindCheck, кои ќе бидат достапни да понудат поддршка, практични совети и внимателно сослушување.
Организаторите велат дека целта е посетителите да имаат место каде ќе можат да се одморат, да ја вратат енергијата и да се почувствуваат слушнати, потсетувајќи дека грижата за менталното здравје е исто толку важна како и уживањето во музиката.
Со оваа иницијатива Sunny Hill Festival продолжува да ја промовира благосостојбата на посетителите и да ја подигнува свеста за важноста на менталното здравје како составен дел од фестивалското искуство.