ДЗР откри хаос со фотоволтаиците: Дозволи се делеле без план и надзор

Општини делеле одобренија за огромни фотоцентрали спротивно на законот, додека државата со години немала план за приклучување на мрежата.
Фото: Brookhaven National Laboratory

Државниот завод за ревизија утврди дека од 2022 до мај 2025 година во Македонија се граделе фотоволтаични електрани без функционален систем, без плански документи и со минимален институционален надзор. Државните ревизори нотираат дека во овој период општини издавале одобренија за градење на енергетски објекти од огромна моќност надвор од законските надлежности, додека клучните подзаконски акти и натаму доцнат.

Ревизијата откри дека до ноември 2024 година во Законот за градење постоела системска слабост. Фотонапонските панели на земјиште биле ставени како градби од втора категорија без да се дефинира нивната моќност. Оваа празнина овозможила локалните власти да преземат надлежности што им припаѓаат на централната власт.

Констатирани се три драстични случаи каде општина издала одобренија за градење на земјиште спротивно на прописите. Две централи, со инсталирана моќност од 19 и дури 174 мегавати, добиле општински дозволи во јануари 2024 година. Третиот капацитет, со моќност од 337 мегавати, добил зелено светло од локалната самоуправа во декември 2023 година. Наместо општината, за вакви објекти од државно значење постапката морало да ја води ресорното министерство, а Владата да донесе одлука за овластување.

До мај 2025 година државата дозволувала изградба на нови фотоелектрани без воопшто да донесе Индикативен план за обновливи извори. Овој документ законски претставува темел за пресметка дали и каде новите капацитети воопшто можат физички да се приклучат на електроенергетскиот систем.

Поради овој пропуст, министерствата со години не можеле законски да даваат согласности за централи поголеми од 10 мегавати. Инвеститорите добивале одобренија само врз основа на Законот за градење, заобиколувајќи ги енергетските филтри. Дополнително, претпријатијата надлежни за енергетската и комуналната инфраструктура давале мислења за приклучок чисто формално. Ревизорите нашле и случаи каде се издадени две градежни одобренија врз основа на еден ист урбанистички извод за една парцела. Инвеститорите немале еднаков третман ниту при плаќањето на комуналиите.

Во мај 2025 година беше донесен нов Закон за енергетика со кој се воведе обврска за носење годишни планови. Годишниот план за 2026 година е донесен навреме, но во него не учествувале сите повикани институции. Вкупно 74 општини не доставиле свои енергетски планови бидејќи надлежните не донеле подзаконски акт за нивната содржина и методологија.

Слична блокада има и кај поголемите инвестиции. Сè уште не е донесен правилникот за исполнување на критериумите за добивање овластување, ниту пак е формирана владината Комисија за доделување овластувања. Ова создава директен институционален застој за сите нови проекти со моќност од или над еден мегават.

На терен надзорот речиси и да не постои. Општините воопшто не контролирале како се спроведува Законот за енергетика, а бројот на инспекции врз вградената техничка опрема во електраните бил занемарлив.

Ревизијата предупредува на уште еден сериозен проблем што допрва ќе се отвора. Државата нема функционален Регистар на електроцентрали, а отпадот од фотоволтаичната опрема и батериските складишта за струја сè уште нема законска категоризација. Без правила за селекција и третман на оваа специфична електронска опрема, институциите оставаат директен ризик по животната средина и здравјето на граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс