ВИДЕО: Дронови погодија трговски центар во Криви Рих, нападнати и спасувачите

Најмалку шест лица загинаа, а околу 90 се повредени откако втор проектил удри врз екипите на итната помош половина час по првиот напад.

Најмалку шест лица загинаа, а околу 90 се повредени во руски напад со дронови врз трговски центар во Криви Рих, соопштија локалните власти. Меѓу настраданите во градот во централна Украина има и шест деца. Спасувачките екипи се најдоа на директен удар кога вториот дрон погоди на истото место додека траеше извлекувањето на настраданите од урнатините.

Регионалниот гувернер Олександр Ханжа објави дека дури 21 лице се наоѓа во тешка состојба во локалните болници, вклучително и едно дете. Нападот предизвика голем пожар во објектот, од каде што со часови се издигаше густ црн чад додека пожарникарите се обидуваа да го локализираат огнот.

Криви Рих, кој е роден град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, често е цел на руски воздушни удари. Овојпат директен таргет беше цивилна инфраструктура во период од денот кога трговскиот центар бил полн со посетители.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени нападот како подмолен обид за масовни цивилни жртви и директен удар врз спасувачките служби. Тој соопшти дека вториот руски дрон удрил точно 30 минути по првиот со јасна намера да ги погоди медицинските и противпожарните тимови.

„Ова не е ништо друго освен терористички чин“, порача Зеленски преку Телеграм, барајќи од меѓународната заедница конкретна одговорност и засилен притисок врз Москва.

Ударот врз Криви Рих доаѓа во бран на интензивирани руски воздушни напади. Претходно во напад со балистички ракети врз Киев загинаа 17 лица. Истовремено, украинските сили изведуваат напади со беспилотни летала врз руски нафтени складишта и транспортни јазли за да ја нарушат логистиката на фронтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс